Беким Незири ги скара Обвинителството и Кривичниот суд
Јавниот обвинител не доставил доволно докази дека осумтемина напаѓачи го загрозиле воздушниот простор, па затоа Кривичниот суд не определил притвор за претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири и другите тројца кои полицијата ги фати.
Кривичниот суд преку соопштение образложи зошто судиите на претходна постапка Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ не определија притвор.
-Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќајм велат од Судот.
Од Кривичен велат дека Јавниот обвинител не доставил ниту медицинска документација, ниту записник од примање на кривична пријава од нападнатиот контролор.
-Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата - Томислав Тунтев. Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
Од Јавното обвинителство велат дека во жалбата која е доставена до Судот образложени се сите причини поради кои обвинителот смета дека одлуката на судиите е несоодветна.
Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото. Во однос на обележјата на кривичното дело - Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување, велат од ОЈО.
Инаку, нападнатиот контролор бил уапсен на граничниот премин „Долно Блаце“ при обид за излез од државата. Откако случајот во полициска станица го пријавиле „група вработени“ во Македонска навигација, на нападнатиот контролор му се губи секоја трага и не се појавил пред истражните органи за даде свој исказ за инцидентот. Поради тоа МВР доставило известување дека контролорот мора да биде пронајден за да се изврши службен разговор со него. Откако бил сослшан од полициските службеници е ослободен.
И денеска реакции за инцидентот и одлуката на судот. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека одлуката за мерки на претпазливост е резултат на партизираноста на судот и обвинителството.
-Замислете што би се случило кога ваква, би рекол, бандитска група би упаднала на вашингтонскиот аеродром или на аеродромот во Париз или во Берлин. Или би биле уапсени или би биле ликвидирани, вели Мицкоски.
По поднесената жалба од ОЈО, од вторник се очекува да биде закажано рочиште на кое Кривичниот совет може да ја потврди или да ја преиначи одлуката на судиите на претходна постапка.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
