Македонија
24. October 2024 - 17:16

Белград ќе му подари автобуси на Скопје?

Белград планира да му донира автобуси на Скопје, пишуваат дел до српските медиуми. Веб сајтот „Е-капија“ вели дека одреден број автобуси од марката „Соларис“ кои се меѓу најквалитетните и најсигурните возила во белградскиот превоз, најверојатно за неколку месеци ќе станат дел од скопскиот јавен превоз.

Повикувајќи се на извор од управата на ГСП, порталот пишува дека овие автобуси ќе мора да се повлечат од белградскиот сообраќај, бидејќи се пристигнати во 2012-тата, а од следната година стапуваат во сила одредбите според кои максималната дозволена старост на автобусите ќе биде 10 години.

Сител се обиде да ги провери информациите. Поставивме прашања до Градот Скопје, дали е ова точно, за колку автобуси се работи и дали ваквиот чекор следи по барање на Град Скопје, но засега одговор нема. Не успеавме да го добиеме ниту директорот на ЈСП. Ни тој не одговори на нашите телефонски повици и пораките.

Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, пак, вели поразително е да прифаќаме милостина.

„Поразително е за нас како Скопје, како метропола, да бидеме соочени да прифаќаме милостина, во услови кога градоначалничката не може да си го среди тој проблем. Добар потег е на градот Белград и на градоначалникот оттаму што сака ете да подаде рака кога гледа дека во тотален хаос ни е градот Скопје. Но, сметам дека од друга страна тоа говори за несериозниот пристап на градоначалничката“ – Орце Ѓорѓиевски, Претседател на ЗЕЛС и градоначачник на Кисела Вода

Српската опозиција реагира дека ако овие автобуси се донираат, белграѓани ќе останат речиси исклучиво со кинески и турски возила.

Директорот на невладината Центар за локална самоуправа и поранешен градски советник, Никола Јовановиќ, на социјалната мрежа Х вели:

„Во ситуација кога јавниот транспорт е во криза, а граѓаните покажуваат големо незадоволство од состојбите во него, откажувањето од 100 сигурни и популарни автобуси поради нечиј личен маркетинг и хирови би бил антибелградски потег“.

Според пишувањата на социјалните мрежи, освен Скопје, постои можност донација да добијат и други градови, но не е наведено кои.

Јавниот превоз во Скопје е во многу лоша состојба. Недостасуваат голем број автобуси, а патниците чекаат на постојките некогаш и повеќе од еден час.