Бизнис
5. March 2026 - 16:34

Безбедносната состојба стабилна – можни притисоци врз цената на горивата

Безбедносната состојба во земјава е стабилна, но на економски план можни се притисоци  врз цената на нафтата и гасот.

Премиерот Мицкоски вели дека секојдневно се прават анализи за случувањата на Блискиот Исток и ако има значително поскапување на енергенсите – Владата ќе интервенира. Се разгледуваат опциите да се намали ДДВ-то од 18 на 10 отсто при увоз на деривати, како и намалување до 4 денари на акцизата кај горивата.

- Можеби со тек на време ќе имаме одредени економски предизвици, односно притисок врз цената на енергенсите, на нафтата и на гасот, повеќе на нафтата. Можно е да има зголемување на цените, но во разговор со Министерството за финансии ќе реагираме, можеби со намалување на акцизите за да намалиме ударот врз стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски.

За да се обезбеди сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, Регулаторната Комсијата го смени правилникот .Одлуката за нови цени на горивата ќе носи еднаш неделно, само во понеделник, а не како досега, цените  да можат да се менуваат секој ден, зависно од движењето на нафтата  и доларот на светските берзи. 

И од ЕСМ велат дека цените на парното до крајот на грејната сезона нема да се менуваат.

Проблеми во испораката  на природниот гас, кој се користи  како погонско гориво за производство на топлинска енргија,  не се очекуваат.  Потребните количини се навреме обезбедени до крајот на грејната сезона.

Во меѓувреме и денеска цените на нафтата и гасот растат, но не со толкав интензитет како изминативе денови, откако  Њујорк Тајмс објави дека Иран индиректно контактирал со САД за да разговара за преговори за прекин на конфликтот. 

До тогаш, на бензиските се точи поскапо гориво. Во САД дизелот ја достигна највисоката цена во последните две години и за една недела поскапе за 11 отсто, а бензиските за скоро 9 проценти.