„Бомбите се во една од училниците“ - нови закани во 4 средни училишта
Малку текст и фотографија со бомба за секое училиште. Ваква е содржината на пораката која утринава ја добија четири скопски гимназии.
„Извините ни за тоа што ќе се случи денес. Ќе го направиме ова полесно за сите. Бомбите се поставени во една од училниците. Две од четири бомби се активираат на било каков покрет, другите две можете сами да ги запалите“ - гласи пораката која утринава околу 9:30 пристигнала на електронските пошти на училиштата.
Заканата е поткрепена и со слика од бомби и запалки.
Испраќач на пораката е hatedone, или (омразен), кој својата меил адреса ја регистрирал на платформата gmail.
Ваквата порака ја добиле гимназиите Јосип Броз Тито, Орце Николов, Раде Јовчевски – Корчагин и Никола Карев кои веднаш ги евакуирале учениците, па ја алармирале и полицијата. Антитерористичките единици со кучиња трагачи неколку часови ги пребаруваа училишните згради, по што уште еднаш се утврдило дека заканите се лажни.
„Од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитеростички проверки и утврдено е дека станува ззбор за лажни пријави“, велат од МВР.
Трета недела по ред неколку училишта во Скопје добиваат дојави за поставени бомби. За среќа, досега, сите закани за поставен експлозив се лажни.
Последната недела од октомври пристигнаа првите дојави за бомби во скопските училишта. Поради ова, седум дена се прекинува наставата, па вчера Министерството за образование побара до крајот на полугодието да се надоместат изгубените часови.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
