Македонија
21. March 2022 - 12:22

Босилово ќе дава по една овошна садница за секое домаќинство кое ќе собере 15 пластични шишиња

Секое домаќинство кое ќе собере 15 пластични шишиња добива една овошна садница по избор.

Со ваква акција општина Босилово го започна првиот пролетен ден. Целта на акцијата е да се намали количината на пластичен отпад, но истовремено и да се подигне свеста кај граѓаните дека пластиката има употребна вредност и треба да се селектира и депонира на места предвидени за тоа.

Граѓаните ја поддржаа општинската иницијатива и масовно се вклучија во нејзината реализација. Меѓу нив имаше и родители на деца со попреченост кои преку акцијата упатија порака за поголема инклузивност и вклучување и на лицата со попреченост во ваквите активности.

Собраните шишиња од сите населени места во општина Босилово ќе бидат предадени на организациите кои вршат откуп на пластика, а како замена ќе добијат садови за селектирање на пластичен отпад кои потоа ќе се постават на јавните површини низ општината.