Рокот на спорните серии на БСЖ во Македонија истекол во јуни годинава - нема ниедна несакана реакција
Двете спорни серии на БСЖ вакцината кои предизвикаа сомнеж во Хрватска за воспаление на коски кај четири деца како можна последица од имунизацијата, биле користени и во Македонија. Според здравствените власти нивниот рок истекол во јуни без ниту една пријавена несакана реакција. Вакцинирањето во родилиштата од денеска е стопирано а за да нема подолг застој во заштитата на децата од туберкулоза, Министерството за здравство во соработка со УНИЦЕФ набавува количини за една година од јапонски производител.
- Таа една година ќе биде доволна за да имаме евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства можат да се поврзат со вакцината од Бугарија или не. И да видиме следната година како ќе ги поставиме работите, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Надлежните уверуваат дека вакцините од јапонскиот призводитерл ги има во депо и многу скоро ќе организираат транспорт до потребните места за да продолжи вакцинацијата. Иако не е потврдена причинско последична врска на случаите во Хрватска со БСЖ, здравствените власи прават детална анализа дали има нешто нерегистрирано иако нагласија дека остеомиелит не може да настане само како реакција од вакцина.
Во однос на клиничкиот тек, остеомиелитисот може да се јави и од други состојби, далеку дека е само од вакцинацијата, и може да се јави и неколку недели по примањето на вакцината, па и до неколку години. Значи, временскиот период на асоцираност е многу долг за да може да кажеме. Будно се следи секоја од несаканите реакции што ќе биде пријавена, изјави проф. д-р Александра Грозданова, претседател на Комисија за имунизација.
- Дадовме налог да се пребараат сите случаи наназад четири години, да се побараат и нерегистрираните случаи на остеомиелитис за да се види дали го има, за кој нема сомнеж дека е поради несакано дејство. Значи, ги истражуваме и тие надвор од она што имаме пријавено во минатиот период, изјави Клековски.
Секоја година околу 15 до 16 000 новороденчиња примаат БСЖ пред да го напуштат родилиштето. Во Македонија вакцината од бугарскиот производител е во употреба повеќе од 20 години и овој период е пријавена само една очекувана локална реакција.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
