Македонија
16. July 2022 - 16:44

Брисел со честитки до пратениците, во вторник прва меѓувладина конференција

Европските челници го поздравија прифаќањето на францускиот предлог во собранието. Првите луѓе на Европската унија и Европската комисија порачаа дека со гласањето во парламентот, се зацртал европскиот пат на земјата.

„Денешното гласање во Собранието на Северна Македонија го поплочува патот за одржување на првата Меѓувладина конференција идната недела. Ова е суштински чекор на земјата и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве чекаме со отворени раце“, напиша претседателот на европскиот совет, Шарл Мишел.

Речиси идентиччна порака, испрати  претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

„Честитки до Северна Македонија за гласањето со кое се овозможуваат условите за брзо отворање на пристапните преговори. Ова беше историска можност и вие ја искористивте“, твитна Фон дер Лајен.

Еврокомесарот за проширување ја најави и првата меѓувладина конференција. Според Вархеји, по гласањето, владата имала чист мандат за почеток на пристапните преговори.

„Го поздравувам гласањето по неколкудневна дискусија во парламентот со што на владата и се дава чист мандат за почеток на првата Меѓувладина конференција базирана на францускиот предлог. Се радуваме на отворањето на пристапните преговори во вторник кога ќе се сретнеме во Брисел за првата Меѓувладина конференција“ напиша Вархеји на Твитер..

Се огласи и албанскиот премиер. Според Рама, завршило апсурдното заложништво на Албанија и најави дека во понеделник, патуваат за Брисел да започнат нов пат.

Одлуката на Собранието ја поздравија и Соединетите американски држави.. Државниот секретар Ентони Блинкен напиша:

-Ги препознаваме тешките размени направени во овој компромис, што го признава и почитува културниот идентитет на Северна Македонија и македонскиот јазик.