Македонија
4. April 2021 - 16:39

Бугарите во Македонија очекуваат новата Влада да им обезбеди поголеми права

Во изборот на новиот парламентарен состав на Бугарија се вклучија и бугарските државјани кои живеат во Македонија. За таа цел, освен во дипломатските претставништва како што беше пракса до сега, за прв пат беа отворени и три дополнителни избирачки места, во Струмица, Штип и Охрид. Од бугарскиот културен клуб во чии што простории денеска беше лоцирано едно од местата за гласање велат дека ова е многу значајно, посебно во услови на пандемија бидејќи на тој начин поголем број граѓани добиваат можност да го остварат нивното право на глас. 

,, За прв пат од почетокот на плурализмот на тука и граѓаните кои живеат надвор од Битола и Скопје каде што има конзуларни претставништва можат да гласаат во Струмица, Штип и Охрид. Значи да се добие поголема шанса за луѓето кои не можат да патуваат специјално во време кога владее пандемијата, да се оддалечуваат од самиот град. Можат слободно да дојдат, да гласаат, да го дадат својот глас за тие што сметаат дека ќе им донесат едно по убаво утре, вели Лазар Млаеденов, претседател на Бугарски културен клуб.

Од новата власт очекуваат затоплување на односите помеѓу двете држави и квалитативни промени, без разлика дали ќе остане старата или пак ќе дојде нова гарнитура.

,, Пред се очекуваме затоплување на односите. Не е во прилог ниту на Бугарија, ниту на Македонија, најмалку на нас кои сме декларирани како Бугари да се чувствува притисок меѓу двете држави. Тоа треба да се нормализира. За се си има начин на решавање на проблемите. Политичарите треба да си ја гледаат работата и во едни по спокојни односи да можат да ги решаваат проблемите што  ете треба да бидат надминати, вели Младенов.

На избирачкото место место во Струмица освен бугарските државјани кои живеат во струмичкиот регион своето право на глас го искористија и жители од Гевгелија, Богданци и Валандово.