Бизнис
1. March 2024 - 21:16

Цените да бидат замрзнати додека не се донесе Законот за нефер трговски практики, вака само ќе се погрее инфлацијата

Цените да бидат замрзнати додека не се донесе законот за нефер трговски практики. Само на тој начин може да се спречи поскапување на производите и ценовен шок за граѓаните, велат од Организацијата на потрошувачи. Во моментов трговците можат да си зголемуваат цените колку што сакаат, без да сносат одговорност. Државниот пазарен инспекторат нема ингеренции да казнува. Улогата на Организацијата за заштита на потрошувачите е само да советува.

.И кај нас дојде неочекувано брзо ова зголемување на цените. Очекувавме од 5 до 10%, како што уверуваа јавните власти. Меѓутоа сметаме дека ова покачување ќе оди нагоре, затоа што не веруваме дека трговците ќе се откажат од својата добивка. Затоа сметам дека мерката гарантирани цени требаше да се применува до избори. Законот за нефер трговски практики не е донесен, иако се однесува само за земјоделските производи и мал дел од прехранбените, додека мерката гарантирани цени имаше поширок опфат, вели Маријана Лончар, Организацијата на потрошувачи.

Додека цените на храната во светот паѓаат, кај нас растат. Затоа и експертите сметатат дека државата мора  да ги  регулира, а не да остава на совеста на трговците да се откажат од високите профити. Сега, со порастот на цените само ќе се погрее инфлацијата.

Со ваквата политика која ние ја правиме, да, има мала загриженост за инфлаторен притисок. Да не заборавиме дека се наоѓаме пред два изборни циклуси. И затоа сметам дека за очекување е придвижување на инфлацијата. Ние имаме една од најголемите кризи од основањето на македонската економија и затоа сметам дека е потребен државен интервенционизам, смета универзитетскиот професор Синиша Наумовски.

Во моментов, ако има драстично поскапување на прехранбените производи и ако постои сомнеж за картелско здружување на маркетите, може да реагира само Антимонополската Комисија.

За да излезат на терен – некој треба да поднесе претставка до нив. Една, поднесена пред 6 месеци за енормно зголемување на цените веќе има, но епилог нема.  

Ја достави лично вицепремиерот Битиќи. Сега најави, доколку  цените продолжат да растат, ќе поднесе уште една.