Четиристотини невработени лица ќе бидат ангажирани за превенција и справување со пожари
Четиристотини невработени лица ќе бидат привремено ангажирани за превенција на ризиците од пожари преку мерката „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“ во рамки на Оперативниот план за вработување. За ангажманот ќе добиваат по 24 илјади денари месечно, а оние што ќе покажат добри резултати, подготвеност и посветеност, по завршувањето на оваа мерка ќе бидат трајно вработени во противпожарните единици во општините или во соодветните институции.
Со мерката ќе бидат опфатени 14 општини низ државава кои имаат територијални противпожарни единици (ТППЕ). Тие ќе ги објават повиците на кои кандидатите ќе треба да се пријават. Услов е тие да бидат психофизички подготвени и да немаат здравствени проблеми.
Портпаролката на Владата Марија Митева истакна дека „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“ првпат се воведува во државава и со неа, рече, се прави значаен исчекор зашто се пристапува проактивно, а не како досега реактивно во заштита од пожари и зачувување на животната средина.
-Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откако штетите се веќе направени, денес почнуваме со процес на навремена подготовка, превенција и мобилизација на ресурси и луѓе ... Оваа мерка има двоен ефект – еколошки и социјален затоа што даваме конкретна поддршка на ранлива категорија граѓани односно невработени, рече Митева на прес-конференција во Владата.
Додаде дека локалните самоуправи ќе имаат активна улога во спроведувањето на повиците, затоа што, рече, „борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме - од централно, до најлокално ниво“. Ги повика сите граѓани, „особено оние кои бараат можност да придонесат кон општото добро и да стекнат корисно работно искуство, да се пријават преку своите општини“.
Струмица и Кочани не аплицирале за оваа мерка. Прашана дали причините се можеби политички, портпаролката Митева одговори дека се работи за општо добро каде што политиката не треба да има место.
-Не би сакала да верувам дека е така, иако можеби има политичка логика. Повикот е за општо добро и се однесува на сите граѓани, политиката не треба да има примат и жалам ако е тоа така, додаде Митева.
Повик да се пријават на огласите од општините, особено млади луѓе, упати и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Очекува на огласот на Општина Кисела Вода да се пријават од 80 до 100 лица и тие, рече, ќе бидат распоредени во тимовите за брз одговор на ДЗС и ќе имаат кратка обука.
-Потоа, од најдобрите од нив ќе одбереме луѓе за најдобрата единица која е во тек на формирање, наречена специјална единица за заштита и спасување. Можеби сумата не е примамлива на прв поглед, но сите кои ќе се пријават на огласот на територијата на целата држава и притоа ќе покажат особен успех во справувањето со пожарите, ќе имаат можност професионално да бидат вработени во некоја од ТППЕ низ државата, рече Ангелов.
Иницијативата на Владата ја поздрави и директорката на ЗЕЛС Душица Перишиќ, која смета дека состојбата со превенирање на пожарите во државава се подобрува со новите возила кои беа претставени вчера и со овој повик за ангажирање 400 луѓе.
-Според моите информации, во моментот во општините има меѓу 700 и 800 вработени пожарникари. Дел од нив платите ги добиваат преку блок-дотации од Министерството за одбрана, а дел од нив се уште примаат плати од општинските пари. Вкупната бројка потребна да се исполнат сите услови согласно законот е нешто повисока од 1500 пожарникари. Значи двојно повеќе од она што го имаме сега. Половина од проблемот ќе се реши на овој начин, со 400 нови вработувања. Се надевам дека доколку покажат добри резултати тие ќе останат да бидат дел од противпожарните единици, истакна Перишиќ.
Ново на Сител
-
Времено затворен граничниот премин Блаце, пожарот се движи кон с. Бразда
-
Ќе пропадне ли интерпелацијата на ДУИ за претседателот на Уставен?
-
Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје
-
Времено затворен граничниот премин Блаце, пожарот се движи кон с. Бразда
-
Прва жртва на пожарите
-
400 невработени ќе може да се пријават за гаснење пожари, плата 24.000 денари
-
Скок на инфлацијата во јуни, премиерот наскоро најавува мерки
-
Олеснување на постапка за работни дозволи и престој на странци, како и пониски царини бараат странските компании од владата