Македонија
5. January 2021 - 17:13

Дали и кога ќе добие сертификат за безбедност македонскиот претставник во НАТО?

Три групи од по 20 до 40 лица, од Армијата и Министерството за одбрана чекаат на реветинг или ресертификација. Одреден број од нив добиле сертификати, но има и одбиени, изјави денес во Штип министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Процесот траел подолго време поради корона кризата и неможноста да се оствари физички контакт.

-Ниту ние можевме да патуваме таму, ниту пак преставниците на МОС можеа да бидат присутни овде, освен во еден краток временски период. Нашето воено преставништво во Брисел е релативно пополнето и таа бројка расте. Во тек е избор на уште еден полковник и уште двајца подофицери, изјави Радмила Шекеринска, министерка за одбрана.

Дел од лицата веќе имале НАТО сертификати, но во период кога земјата не беше членка.

-Да станете членка на ваква Алијанса со многу поголем пристап до информации, кои се почувствителни и високо квалифицирани не е лесно. Затоа овој процес ниту е брз, ниту е лесен, изјави Шекеринска.

Во меѓувреме се водат разговори и со врховниот командат за финиширање на процесот со делегирање на наш воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел.

-Очекувам на 15-ти јануари, нашиот амбасадор Дане Талевски веќе да замине во Брисел и тоа ќе биде многу важно за функционирањето на нашата мисија-додаде ШекеринскаВо 2021 година главниот акцент ќе бида ставен на главната НАТО декларирана единица лесната пешадија, лоцирана во штипската касарна „Јане Сандански“.

-Ќе обезбедиме подобри услови за работа, за вежбање, за подготовка за НАТО предводени операции, изјави Шекеринска.

Лесната пешадија ќе ја сочинуваат најдобрите, офицери, подофицери и војници кои ќе покажат најсолидни резултати.