Дали во Македонија треба да се регистрираат електричните тротинети, по примерот на Србија?
Во Србија електричните тротинети и велосипеди од април ќе треба задолжително да се регистрираат, но дали и Македонија треба да го следи овој пример? Во екот на пролетта, на улиците и булеварите неизбежни се овие превозни средства, но ретко се почитува сообраќајната култура. Сообраќајните експерти велат, регистрација на електричните тротинети и велосипеди треба да има и во Македонија, но поважно е возачите претходно да поминат обуки за како да учествуваат во сообраќај.
Без заштитна опрема, по двајца на тротинет, возење во спротивен правец, се едни од најчестите прекршоци кои ги прават возачите на електричните превозни средства. Се поголем број пријави има за повредени и возачи и пешаци, алармираат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.
Според законот за безбедност на сообраќајот, тротинетите треба да се движат исклучиво по велосипедски патеки, со брзина не поголема од 25км/ч. Доколку не ги почитува овие правила предвидена е парична казна во износ од 80 или 120 евра.
50 евра казна е ако две лица се возат на еден тротинет, но и доколку возачот има помалку од 14 години.
Доколку не носи рефлектирачки елек дури вози навечер, тоа се дополнителни 50 евра казна.
По однос на прекршоци сторени од страна на возачи на електрични тротинети, на територијата на Република Северна Македонија во 2022 година санкционирани се вкупно 66 возачи, a во 2021 година санкционирани се вкупно 29 возачи на електрични тротинети.
Според статистиките на МВР, на почетокот на минатата година имало 11 сообраќајни незгоди на возачи на електрични тротинети, а во 2022 година, 43 сообраќајни незгоди, од кои имало и неколку тешко повредени возачи
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар