Македонија
29. December 2023 - 19:47

Дали во новите вработувања во здравството предност ќе имаат тие кои работат со договор на дело?

Независниот синдикат на здравствени работници повикува предност во најавените 1117 вработувања да имаат лицата кои со години се ангажирани со договор на дело во болниците и клиниките. Бидејќи постапката ќе оди преку јавни огласи, а не со трансформација на работниот однос, од синдикатот се плашат дека решенија може да добијат луѓе од надвор и без искуство.

- Затоа, освен основните барања во конкурсот, диплома и лекарско, замолуваме до министерот, да има услов од доказ за работно ангажирање од над три или четири години за да не се вработуваат без искуство, кога веќе има луѓе со искуство, изјави Боби Бојчевски, координатор на Независниот синдикат на здравствени работници.

Министерот за здравство и денеска ги повика директорите на сите здравствени установи при изборот на нови кадри да ги земат најдобрите.

- Ние не можеме да им забраниме да се јавуваат на конкурсите, но ги повикувам директорите да го земат во предвид искуството, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Инаку после Нова година за вработувања во здравството нема да се бара согласност од Mинистерството за финансии, туку установата која има потреба од стручен кадар ќе го плаќа од својот буџет.