Дали заразната голема кашлица се враќа во Македонија?
Шест месечно бебе со голема кашлица е хоспитализирано во детската Клиника – Козле. Силната бактериска инфекција му била потврдена со ПЦР –тест. Од установата информираат дека детето е во стабилна состојба на интензивна нега и засега нема потреба од кислородна подршка. Ова е втор случај годинава со пертусис. Пред неколку дена е регистрирано и болно дете во Кичево. И двете не биле вакцинирани со Ди-те –Пер.
Пертусисот се смета за многу заразно заболување кое се пренесува преку респираторен пат. Симтомите се слични како кај настинки и вирози, но карактеристично е долготрајната и силна кашлица.
-Се работи за заболување кај кое кашлањето е сериозно изразено, некои ја нарекуваат и 3 месечна кашлица или 100 дневна кашлица. Кај децата може да предизвика повеќе компликации, може да дојде до кила или апнеа, односно губење на здивот, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Инаку повеќе земји од регионот пред Нова година го вклучија алармот за зголемен број заразени деца со голема кашлица која се јавува после долги години. Само во Хрватска регистрирани се над 4000 случаи.
-Се надевам дека кај нас нема да имаме таква ситуација и ќе успееме да го исконтролираме ширењето на инфекцијата. Само за неколку дена во јануари имаме два случаи. Основниот начин да го спречиме ширењето е да ги вакцинираме децата, смета д-р Мехмедовиќ.
Инаку изминатите години во земјава се регистрирани само спорадични случаи со пертусис.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар