Македонија
28. December 2020 - 16:52

Децата со дијабетес оставени без системи за следење на нивото на шеќер

На Балканот само македонските деца со дијабетес кои се зависни од инсулин немаат системи за безбедно и континуирано следење на шеќерот во крвта на товар на државата, реагираат од здружението Баланс МК. Тие од 2017 година постојано апелираат до сите надлежни институции да им се обезбедат вакви сензори на околу 500 деца за да имаат безгрижен живот и мирни ноќи. Покренале и онлајн петиција која има над 5000 потписи од засегнати граѓани.

-Истражувањата покажуваат дека дури 50 проценти од децата со дијабетес  имаат проблеми со спиењето, изјави Наташа Деспотовска Димитриевска, претседател на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК.

Поради неисполнување на ветувањата од здравствените власти Асоцијацијата за детски дијабетес и Сојузот на Здруженија на дијабетичари поднеле и претставка до Народниот правобранител за решавање на овој проблем. Од канцеларијата на омбудсманот велат дека претставката се анализира и наредните денови ќе одлучеле дали има основ за отворање на предмет.

Во меѓувреме секое семејство кое има дете со дијабетес месечно одвојува околу 150 евра за вакви сензори  и многу тешко ги набавуваат од странство.

-Системите за безболно и континуирано следење на нивото на гликемија се аплицираат на раката и се избегнуваат боцкањата, рече Деспотовска Димитриевска.

Од министерството за здравство одговорија дека ќе работат на обезбедување на вакви сензори, но не прецизираа кога и како.

-Станува збор за нови системи. Министерството за здравство ќе работи на тоа да обезбеди буџет за набавка на истите, велат од МЗ