Македонија
31. March 2022 - 16:37

Ден на правосудството - како да се зголеми довербата?

Судскиот совет нема да отвори постапка за разрешување на претседателот на кавадречкиот суд кој не даде објаснување на чиј трошок патувал на фудбалскиот натпревар во Палермо. Законот предвидувал следење само на работата на судијата, но не и неговото однесување, па целиот случај ќе треба да го расветли советот за етика.

„Одлучивме да го задолжиме координаторот што е  задолжен за основниот суд Кавадарци, да побара информации од претседателот на судот Нанев, воедно, да се обратиме до советот за етика при здружението за судии“, изјави Павлина Црвенковска, Претседател на Судски Совет.

На денот на правосудството, според министерот за правда, освен начинот на правораздавање, важен бил интегритетот на судиите, кои според Тупанчевски, требало да се пример за граѓаните...

„Судиите мора да промовираат високи стандарди на судско однесување со цел да се зајакне јавната доверба во правосудството која претставува фундамент за зачувување на судската независност“, вели Никола Тупанчевски, Министер за правда.

Токму зголемувањето на довербата, е заедничка желба на претставниците на правосудниот систем. По Амбасадата на САД, зголемување на довербата, денеска побара и ЕУ делегацијата во земјава.

„Ги знаете последните анкети каде се гледа пад на јавната доверба во правосудството. Ова е најгоголемиот предизвик. Градењето доверба бара време и одлучност. Јавноста сака да види во пракса дека никој не е над законот“, изјави Дејвид Гир, Амбасадор на ЕУ.

Според експертската јавност, вина за пад во довербата за правосудството има и државата која во целост не го спровела петгодишниот план за судски реформи.

„Верувам дека никој не е изненаден од ниската доверба во судството. Граѓаните не ги читаат извештаите или стратегиите за нивната имплементација. Тоа е работа на стручната јавност, пред се на оние кои се повикани да ги спроведат“, изјави Ана Павлова Данева, Проф на Правен факултет.

За Претставниците на судската власт, правосудниот систем е ажурен. Лани биле завршени над половина милион предмети ама за седуммина судии завршила и кариерата поради нестручно постапување.