Македонија
4. January 2024 - 19:46

Ден по кривичната пријава оставки и закани за штрајк во М-НАВ

Помеѓу 20 и 30 контролори на летање ќе депонираат оставки по притисоците врз раководството на Синдикатот на М-НАВ кое не дозволува вработување на партиски кадри. 

Ова доаѓа откако претседателот на Синдикатот Александар Тасевски беше повикан во полиција каде му била презентирана кривична пријава од страна на двајца од тројцата директори Фахрудин Хамиди и Хасим Деари кои се жалат дека им се заканувал преку мејл.

- Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема било какви ставки кои асоцираат на закани и животнозагрозувачки информации, вели Тасевски.
Од МВР велат дека постапувале согласно законските обврски.

- Секогаш кога ќе биде поднесена пријава од граѓанин за заканување или заплашување, МВР го поканува лицето за кое е поднесена пријава за да се изврши службен разговор. Тоа е направено и во конкретниот случај. По добиената пријава од Ф.Х. и Д.Х., раководни лица во МНАВ за испратени закани по меил од страна на А.Т., извршена е консултација со јавен обвинител, по што е направен записник за примање пријава, велат од МВР.

Но, Тасевски доби недвосмислена поддршка од Здружението на контролори.

- Жално е и срамно што покрај сите заложби кои се во насока на обезбедување на највисоко ниво на услуги во воздухопловната навигација, директорите на М-НАВ решаваат на ваков начин да вршат притисок врз Претседателот, членството на Синдикатот, а со тоа врз сите Контролори и помошници контролори на летање, чие единствено барање е нормални услови за работа во секоја смисла, за да можеме да ги постигнеме целите кои ни се доверени како чувари на нашето небо, велат од Здружението

Оставките на контролорите нема да значат затворање на македонското небо, но би требало да се доволен аларм за директорите кои по секоја цена сакаат да вработат свои партиски кадри.

- Ако сметаат директорите дека можат да работат под притисок кон вработените, кон синдикатот, со овој начин на вработување, нека продолжат да работат сами, ако се способни за такво нешто, вели Тасевски.
Иако двапати беше најавувано Синдикатот на М-НАВ се откажа од штрајк и затворање на македонското небо, но Тасевски вели дека овојпат не е исклучена таа опција.

- Дефинитивно тоа нема да биде во наредните неколку дена, меѓутоа, верувам дека овој пат според начинот на кој сега се одвиваат работите, мислам дека тука нема да биде штрајк на контролори на летање, туку ќе биде штрајк на сите вработени во Македонска навигација, односно на сите служби. Ако тој се организира, ќе биде за тотално затворање на воздушниот простор во сите сектори што ги има во нашата институција, вели Тасевски.

М-НАВ е институција која ги има меѓу највисоките државни плати, со просечна плата од нешто над 76.000 денари. Синдикатот бара од Трудовиот инспекторат и Антикорупциска да го испитаат конкурсот во кој не биле вклучени стручните лица од Синдикатот, иако тоа е законска обврска.