Македонија
2. February 2026 - 16:36

Девет лица и една фирма кривично ќе одговараат за проневери со ИПАРД фондовите

Девет лица и една фирма кривично ќе одговараат за проневери со ИПАРД фондовите. 

ОЈО ГОКК денеска поднесе обвинение во кое првообвинет е поранешниот пратеник и министер Џевдет Насуфи како управител на фирма која нудела поткуп од 50 илјади евра, за да добие финансиски средства од ИПАРД програмата иако не биле исполнети законските услови.

За примање поткуп обвинет е поранешниот директор на Агенцијата за финасиска поддршка Илија Стоилев и уште тројца вработени кои земале по 5000 евра за да стават потписи на апликацијата.  

Со Обвинителниот акт јавниот обвинител предложи одземање на предметите употребени за извршување на кривичното дело мобилни телефони, медиуми за складирање на дигитални податоци и парични средства и тоа 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.

Од прибраниот доказен материјал во оваа истражна постапка произлегоа индиции по однос на постапување со средствата од ИПАРД програмите за што ОЈО ГОКК отвори предистражна постапка која е во тек, соопшти обвинителството.

Со обвинението е поднесено барање и за продолжување на притворот за Насуфи, Стоилев и уште три лица, додека за останатите 4ца осомничени вработени во Агенцијата се бараат мерки на претпазливост – забрана за работа и одземање на пасошите.

Скандалот со ИПАРД фондовите изби во ноември минатата година кога тогашниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка Илија Стоилев беше фатен при земање поткуп од 400 евра, по што беше приведен и разрешен од функцијата.

Случајот поттикна бројни обвинувања меѓу власта и опозицијата, а беше запрена и исплата на средства од ИПАРД програмата.