Директорот на “Историски музеј” Крушево поднесе оставка по реакциите за спотот во “Македониум”
Неотповиклива оставка од функцијата поднесе директорот на НУ “Историски музеј – Крушево”. Оставката на Миха Оџаклиески следува по реакциите во јавноста за снимањето на дел од спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ кој е заштитено културно наследство на државата.
Во објектот се наоѓа и гробот на претседателот на Крушевската република Никола Карев. Во оставката до Управниот одбор, Оџаклиески наведува дека одлуката била личен, морален и етички чин. Тој образложува дека во случајот немало законски неправилности, одлуката била донесена од УО зошто и претходно се изнајмувал просторот за снимања.
-Иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката - наведува Оџаклиески.
Претходно Премиерот најави дека ќе побара од министерот за култура да биде разрешен директорот Оџаклиески, но и членовите на Управниот одбор.
-Таков тип институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните поради пропустот што е направен и се случил. Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Уште денеска ќе побарам да бидат разрешени и директорот и членовите на Управниот одбор, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, утринава дознал за спотот кој бил снимен во “Македониумот” во февруари годинава.
-Пред себе имаме еден случај кој навистина е чувствителен, но ќе видиме со правните служби како ќе може понатаму или со некоја законска измена да дејствуваме, бидејќи во овој момент има законско право за изнајмување, но директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти, треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина. Проблемот е нов, снимано е порано, а јас сè уште немам детални информации и сме во процес за да го решиме проблемот, изјави Седат Сулејмани, министер за култура и туризам.
„Македониумот“ кој е заштитено културно наследство на државата и еден од најпознатите македонски објекти во светот за сума од 500 евра бил отстапен за снимање на дел од спотот за песната насловена „Секси мама“.
Претходно и македонски, но и странски пејачи снимале спотови во еден од најзначајните културно историски објекти во државата. Од тука се поставува прашањето: дали треба да престане ваквата пракса и да се почитуваат и негуваат знаменитостите како “Македониум” кој поради несоодветно одржување пред неколку години почна да прокиснува.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
