Дискриминација на Ромите или почитување на Ковид протоколите за влез во градскиот базен во Прилеп
Дискриминација на Ромите или почитување на Ковид мерките и протоколите за пристојно однесување и носење соодвентна облека и опрема за влез во градскиот базен во Прилеп. Вчера на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како група Роми не можат да влезат во базенот и на кое тие обвинуваат за дискриминација.
Од граѓанската иницијатива „Аваја“ и здружението „Станица 5“ рекоа дека ќе поднесат и тужба за целиот случај.
„Ќе поднесеме претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, дополнително ќе поведеме судска постапка, бидејќи знаете дека со новите измени на Законот за спречување на дискриминација, овозможено е да се поднесе акциопопуларис тужба“, истакна Џенгис Бериша, граѓанската иницијатива „Аваја“ и здружението „Станица 5“.
Овој настан денеска беше осуден и од страна на градоначалникот на Прилеп кој оствари средба со граѓанските здруженија.
„ Владата на нашата држава и ние како локална власт, безрезервно сме посветени на концептот за градење едно општество за сите“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Сопственикот на базенот пак Борис Темовски истакна дека не станува збор за никаква дискриминација бидејќи во базенот постојано биле пуштани да влезат Роми без никаков проблем. За овој случај станувало збор за почитување на Ковид мерките и граѓаните кои вчера не успеале да влезат им било кажано да се вратат по 2 часа кога ќе се ослободи место за да се запазат мерките.
„ Ние сега моментално имаме Роми во базенот, кои се соодветно облечени, значи тие кои ги почитуваат мерките немаат проблем. Вчера беше Вртолум и базенот беше преполн, поради што менаџментот оцени дека доколку се вратат по 2 часа, околу 4 часот попладне, да можат други да си заминат ќе влезат. Вчера околу 4 часот немаше столица каде да се стави, беше преполно и Ковид мерките овозможуваат само 50% од капацитетот“, вели Темовски.
Темовски истакна дека настанот бил пријавен и во полицвија затоа што дел од групата насилнички сакала да влезе во објектот, а сличен инцидент се случил и пред 2 дена. Дел од Ромите пак најавуваат протест пред базенот за неколку дена.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар