Македонија
4. October 2023 - 16:48

Дивоградба никнува до Пензионерскиот дом во Чаир, станарите стравуваат за својата безбедност

Кој гради до Пензионерскиот дом на улица Џон Кенеди во Чаир? Одговор на прашањето немаат ниту во Општината, а не знаат ниту станарите во домот и жителите на околните куќи. Без најава и ознаки кој е инвеститорот, туку само неофицијални информации дека ќе никне висококатница буквално залепена до Пензионерскиот на терен од средината на септември интензивно се изведуваат градежни работи. 

Ако во петокот имаше само бетон, вчерашните снимки кои ни ги испратија жители од овој дел на градот покажуваат дека веќе е поставена арматура.

Дел од станарите пензионери стравуваат за својата безбедност. Велат дека на тоа место порано имало стара барака, а новата градба била на само 80 сантиметри од ѕидот на Домот.

- Страв ми е да не паднам доле со багер да ме креваат. Треба да се напише кој е инвеститор, да знееме. Нема ништо, се на диво се гради. Тука се работи тајно, сабалје ќе дојдат во 6.30 часот, ќе работат 3-4 саати ќе направат нешто и во 4.30 пак ќе дојдат, вели загрижена станарка сместена во Пензионерскиот дом.

Дека се работи за дивоградба потврдуваат и од Општина Чаир.

- До Општина Чаир никој не се обратил со Барање за дозвола за градење, затоа општинскиот инспектор го има прекинато градењето во тоа земјиште, велат од Општината.

Од таму додаваат дека уште по првата пријава во септември градежен инспектор излегол на терен и ја стопирал градбата, истото ќе го сторел и наредните денови и ќе издал решение местото да се врати во првобитна положба. 

За работниците кои камерата ги регистрираше во петокот од Општината тврдеа дека се од Топлификација - Север за да извршат санација на направена штета, но директорот кој вчера си поднесе оставка негираше. 

И додека надлежните да утврдат кој гради без дозвола станарите во Домот деновите ги поминуваат во страв, со бучава и прашина, а се плашат дека поради зградата ќе останат и без воздух и светлина.