До 20 ноември аплицирање за студентска стипендија, вкупно 3000 можни стипендии

До 20 ноември студентите може да аплицираат за студентска стипендија за академската 2026/2027. Пријавувањето на конкурсот што го објави МОН е исклучиво електронски, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk
Вкупниот број стипендии останува непроменет од лани (3000), но МОН годинава воведе нов модел на стипендирање, со нови категории и поинаква распределба на средствата.
-Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите. Се воведува значајно унапредување на досегашниот модел на студентско стипендирање. Новиот модел носи поинаков пристап во распределбата на државната поддршка - пристап кој истовремено ја препознава социјалната ранливост, го вреднува академскиот успех и го поттикнува образованието на кадар во области од стратешко значење за државата, соопшти МОН.
Во категоријата 1200 стипендии за социјална поддршка, првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја од овие категории.
-Со ова, Министерството прави значаен чекор кон поинклузивно образование и создавање еднакви можности за студентите, препознавајќи ги нивните специфични потреби и поддржувајќи го нивното право на образование и академски развој, наведе МОН во објавениот конкурс, нагласувајќи дека со него поставува основа за посовремен и понасочен систем на студентско стипендирање.
Се воведува и нова категорија од 1050 стратешки стипендии, наменети за студенти кои студираат во области од особено значење за идниот развој на државата.
Изборот на студиските програми е утврден со одлука од 3 ноември 2026 година на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, со која се определени студиските програми од стратешки интерес за државата.
Станува збор за студиските програми по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.
Дополнително, се воведуваат и 750 стипендии за студенти кои постигнуваат висок академски успех, односно имаат просечен успех од најмалку 8,50 и континуирано ги исполнуваат академските обврски.
На овој начин, посочува МОН, Министерството дополнително го вреднува знаењето, посветеноста и трудот на студентите што постигнуваат особени резултати во текот на студирањето.
За стратешките стипендии месечниот износ е 18.000 денари, а за социјалните стипендии и стипендиите за висок академски успех износот е 6.050 денари. Стипендиите се исплаќаат во текот на девет месеци од студиската година.
Покрај ова, во тек е и пријавувањето на уште два конкурса за академската 2026/2027 година - за доделување 15 стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик и за поврат на средства за купен музички инструмент.
МИА
Ново на Сител
-

Скопје денеска имаше најстудено утро, локален дожд попладне и во текот на ноќта
-

Денеска е Митровден - празник посветен на Светиот великомаченик Димитриј
-

САД нудат награда до 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма
-

Одбележани 130 години од изградбата на храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје
-

Трамп бара истрага против демократите, ги обвини за „кривично дело“
-

Крвав напад во Краков: Најмалку шест загинати, уште три тела пронајдени во домот на напаѓачот
-

Осум српски полицајци уапсени за смртно претепување на братот на осомничениот за убиството на Данка Илиќ
-

Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за дожд во западните делови од земјата
