Loading Video...
Македонија
25. March 2021 - 16:42

До крајот на март нема да пристигнат очекуваните вакцини

Дали Македонија ќе ги добие најавените вакцини АстраЗенека преку Ковакс механизмот? За сега е сигурно дека првата пратка со околу 100.000 дози нема да стигне до крајот на март како што првично беше најавено од  здравствените власти.

- Тоа што минатата недела го добивме како информација од Ковакс системот е дека за од прилика 2-3 недели се очекува да ја добиеме првата количина на вакцини кои ќе бидат од производителот на АстраЗенека, велат од Mинистерството за здравство.

Од таму не добивме конкретен одговор дали и Македонија е меѓу 100-та држави засегнати од одлуката на Индија да го стопира извозот на вакцината АстраЗенека преку Ковакс програмата на СЗО. Оваа држава е најголем производител на вакцините од британско – шведската компанија и се одлучиле за привремена забрана за извоз за да ги искоритат веќе произведените количини за имунизација на граѓаните во нивната земја по драстичното зголемување на бројот на новозараезни со корона.

За најавата од страна на ЕУ за ограничување на дистрибуцијата на вакцини, од министерството за здравтво велат дека тоа не се однесува на директните преговори со Фајзер. Македонија се уште чека компанијата да го потпише договорот за продажба на вакцини.

 -Постапката на билатерален договор со Фајзер нема да подлежи на никакви одолговлекувања по ова прашање, на страна од барањата кои во моментов се регулираат со оваа компанија, а тоа е барањето за воспоставување на фонд за обесштетување при несакани последици, одговорија од МЗ.

И додека Македонија има вакцини само на хартија и никако да почне имунизацијата за граѓаните земјите од регионот добиваат вакцини и преку Ковакс и преку директни договори со производителите. Денеска во Босна стигнаа 23.400 вакцини од Фајзер преку Ковакс, а Албанија попладнево очекува уште 192.000 дози.

Србија која е лидер на Балканот по вакцинирани грашани најави дека во мај ќе почнат и тие да ја произведуваат руски Спутник.