Дојавите за бомби продолжуваат, игнорирањето на пораките се нуди како можно решение
Само што седнаа во клупа, мораше да се вратат дома. Ученици од 30 училишта во главниот град повторно немаа настава во прва смена.
„Дојави за бомби и денеска ги испразнија скопските училишта. Пораките дека во објектите е поставен експлозив, училиштата ги добиле за време на првиот час“.
Наставата продолжи онлајн, а во меѓувреме полицијата информираше дека и овојпат, дојавите се лажни. Од Министерството за образование засега не знаат како да се справат со заканите кои шест месеци ги добиваат училиштата преку своите електронски адреси.
Министерот вели има нова ситуација, бидејќи сега поголем дел од дојавите се испратени до основни училишта. Шаќири откри дека дел од школите и воопшто не знаат дека добиле закана за поставена бомба. Не го отвориле мејлот па полицијата ги алармира дека се на листата школи до кои е испратена заканата. Сега се анализира дали да се игнорираат следните дојави бидејќи мејлот не бил задолжителна комуникација, но за тоа, според Шаќири е потребна дозвола од полицијата.
„Се прават неколку анализи, ќе се земаат и најдобрите искуства од другите држави. Ќе се разгледува и можноста за комуникација во електронска форма. Знаеме дека мејлот не е законска задолжителна комуникација на институциите, но за тоа да се потврди ќе треба да го потврдат и органите кои се од безбедносен аспект“, Јетон Шаќири, Министер за образование.
Шаќири не ја отфрла можноста наставата да продолжи само онлајн. Во координација со владата и останатите институции се барале начини за надминување на состојбата.
„Јас како министер сум кажал дека сум против онлајн настава. Но, ова се препораки за да не се загуби наставата, ќе ги разгледаме проблемите во училиштата. Имаме родители кои работат, ќе разгледаме нови предлог-решенија. Ние секојдневно разговараме со Комитетот за безбедност и дел од препораките се според нивните заклучоци“, вели Шаќири.
Заедницата на единици на локална самоуправа ги повика институциите да го решат проблемот. Дојавите за бомби ги сметаат за тортура врз учениците, родителите и наставниците и бараат МВР да ги пронајде испраќачите.
„Не поминува повеќе никакво објаснување бидејќи резултати од ниедна истрага нема. Го повикувам Министерството за образование да најде начин наставата да продолжи и да се зафати сериозно со овој проблем бидејќи системот за онлајн настава не функционираше вчера, а не функционира и денеска за некои училишта“, пишува на фејбук претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Итно пронаоѓање на лицата кои ги испраќаат дојавите и враќање на наставата во нормала бара и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во октомври пристигнаа првите дојави за бомби во училиштата. Закани добиваат и министерства, трговски центри и полициски станици. Вчера имаше рекорден број пријави – вкупно 120 училишта добија мејл пораки за поставен експлозив.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
