Дрисла се уште го гуши Скопје
Дождот во Скопје не помогна во гаснењето на пожарот во депонијата Дрисла. Веќе трет ден депонијата го гуши главниот град.
Состојбата вчера вечерта беше алармантна особено во Кисела Вода и Аеродром. Но мирис на изгорена пластика можеше да се почувствува и во Центар, Автокоманда,Чаир.. Врнежите од дожд од изутрината не го изгаснаа пожарот, но го намалија аерозагадувањето во Скопје.
Од Дрисла се уште излегува густ бел чад.
Втор ден надлежните го затрупуваат централниот дел од депонијата Дрисла. Денеска на помош на службите на Дрисла се приклучува и механизација од Дирекцијата за заштита и спасување. Се додека надлежните не успеат да го затрупаат делот кој гори скопјани ќе чувствуваат мирис на изгорена пластика.
Во гаснењето се приклучи се и ер-трактор на ДЗС. Испушта специјална пена која треба да помогне на механизацијата која е долу, на терен.
Се уште е непознато што точно гори во Дрисла. Првиот човек на ДЗС вели дека во депонијата има голема количина отпадна вода, а надлежните ќе мора допрва да земат мостри за да се види колку токсични материи се испуштаат и во воздухот, но и во почвата и водата.
- За да се дојде до местото на горење треба да се помине низ еден простор којшто можеби е педесетина – стотина метри кадешто имаме отпадни води од самата депонија, длабоки околу 1,5 метар по укажување на стручните лица во депонијата. Зборуваме за долгогодишна, ајде да не го употребам зборот негрижа, но лошо менаџирање со отпадот, вели Стојанче Ангелов.
Првиот човек на опозициската СДСМ со критики за начинот на кој власта се справува со хаваријата во Дрисла.
- Скандалозна е изјавата на премиерот дека, знаете загадено е, можеби изгледа така, ама нема доволна количина на честички, кога луѓето знаат како дишеат, синоќа, вчера, пред два дена... Едно е да грешиш во политиката, друго е да немаш капацитет. Ама да ги игнорираш проблемите какошто тоа се прави на секоја тема е нешто што е скандалозно. И досега ниту една влада во Македонија не се однесувала вака, вели Филипче.
Премиерот, пак, најавува решавање на проблемот и со Дрисла и со дивата депонија Вардариште. Тој е убеден дека станува збор за подмет пожар со цел предизвикување паника пред претстојните локални избори. Но вели, полицијата во моментот истражува, а кога ќе има конкретни информации тие ќе бидат објавени јавно.
- Веќе работиме со министерот за транспорт на општествено-одговорни градежни компании со коишто ќе донесеме механизација и во Вардариште и во Дрисла. И ќе можеме да дејствуваме внатре се со цел да не се случува ова континуирано.
По вчерашната идеја на Мицкоски за решение на Дрисла со јавно-приватно партнерство за решение на Дрисла кое ќе значи и изградба на фабрика за производство на електрична енергија од метанот кој се создава на депонијата, Невладините организации со негодување. О2 иницијатива веќе покрена петиција со која бара Дрисла да остане во владение на Град Скопје.
- Бараме кандидатите за градоначалник на Град Скопје да се обврзат дека НЕМА да формираат јавно-приватно партнерство за управување со Дрисла и дека ќе го започнат процесот на изградба на центар за управување со отпад по примерот на Љубљана, со комбинирани финансии од сопствен буџет, буџет на општините во Скопскиот регион, државни средства, ЕУ фондови, кредити со ниски стапки, велат од О2 Иницијатива.
Премиерот одговори, ги антиципирал нивните критики, но рече дека кога ќе дојде време ќе седне на маса заедно со нив за да се најде прифатливо решение.
- Многу е лесно да се даваат изјави, да се создава магла, да се растураат пердуви и потоа кога ќе дојдеме до решение никој да не знае кое е решението. Затоа, јас би бил среќен да тие одговорат позитивно. Ќе бидат поканети, да видиме која е таа стратегија. Ако е тоа функционално, зошто да не? Па ние немаме скриени агенди, немаме интерес. Јас само знам дека депонијата во центарот на Виена е по принципот на јавно-приватно партнерство, вели Мицкоски.
Во меѓувреме, Министерството за здравство, заедно со Институтот за јавно здравје правеле анализа на квалитетот на воздухот во главниот град.
- Ве уверувам дека досега мирисот знаеме дека се чувстува и не е пријатен, но како и да е воздухот во моментот не е на ниво на загаденост којшто предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак, препорачувам граѓаните да не се движат надвор во простор, ако тоа не е неопходно, вели министерот Азир Алиу.
Депониите Вардариште и Дрисла придонесоа оваа година сезоната на загадување да почне многу порано отколку вообичаено. Министерот Алиу најави формирање работна група во министерството за здравство која ќе се грижи за носење решенија за граѓаните полесно да се справат со загадениот воздух.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар