Дрвокрадците не мируваат и за време на полицискиот час
И во период на забрана за движење дрвокрадците не мируваат. Додека мнозинството од граѓаните седат дома и ги почитуваат препораките на институциите има и такви кои ја злоупотребуваат оваа ситуација. Таков случај е откриен вчера на врвот на Беласица кога шумската полиција регистрирала поголема група граѓани кои вршат бесправна сеча. Дрвокрадците се откриени на месноста викана Свидовска раскрсница каде на две различни локации,на оддалеченост од околу 500 метри се откриени дрвокрадци кои недозволено вршеле сеча на дрва.
За време на контролата дел од групата побегнала, додека две лица се фатени и против нив веќе се поднесени кривични пријави. Од страна на шумските полицајци одземени се и околу 15 метри кубни дабово дрво.
Инаку ова не е единствен таков случај регистриран во овој период во струмичкиот регион. Од шумската полиција информираат дека оваа појава е зачестена, посебно откако почна примената на посебните мерки за движење поради пандемијата со корона вирусот. Според нив дрвокрадците се охрабруваат сметајќи дека во таква состојба нема кој да ги контролира шумите.
Покрај Беласица, најголемиот дел од обидите за нелегална сеча се во регионите на планината Еленица во близина на селото Баница, но и на месноста Палазлија кај селото Старо Балдовци.
За близу еден месец поднесени се околу 20 прекршочни пријави, одземени се неколку возила и поголема количина дрвна маса. Од шумската полиција најавуваат интензивни контроли и во наредниот период со напомена дека секој што ќе биде фатен во нелегална сеча ќе биде санкциониран.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
