Македонија
1. October 2026 - 12:23

Дрвокрадството во последните неколку години намалено за 30 отсто

Дрвокрадството во државата годинава бележи пад за околу 10 проценти во однос на лани, а за околу 30 проценти во споредба со претходните години. Ова го покажуваат статистиките на Македонски шуми, од каде како главни причини за овој позитивен тренд ги наведуваат засилените контроли и поголемата соработка меѓу институциите. 

Но, и покрај падот на бројките , проблемот се уште постои. Освен  поединечните групи дрвокрадци, од Македонски шуми како загрижувачки го оценуваат и фактот што во нелегалната сеча се вклучени лица кои соработуваат со претпријатието, но и поединци вработени во самото јавно претпријатие.

Илегална сеча има низ целата држава, а најкритични се регионите на Радовишко и Штипско, Скопска Црна Гора, Струшко и Велешко.

Од Македонски шуми уверуваат дека огревно дрво има доволно и затоа апелираат до граѓаните да не купуваат од дивите продавачи. Дрвата велат се  достапни преку складовите на претпријатието, приватните складови, како и преку легални сечи.