Македонија
4. March 2023 - 16:34

Државата нема ефикасен систем за спасување на планина

И покрај потенцијалите, Македонија не може да го развива авантуристичкиот и планинскиот туризам без систем за ефикасно спасување на планина. Во моментов државата нема ниту едно законско решение кое го третира планинското спасување, што претставува сериозен проблем, велат од националниот сојуз за спасување на планина.  Според претседателот на сојузот искуство и знаење има но тоа не може да се примени соодветно доколку не ја добијат потребната помош од државата која ќе значи и помош за граѓаните, но и за самото стопанство бидејќи авантуристичкиот туризам е директно  поврзан со сериозни системи за спасување.

Од националниот сојуз за спасување на планина потенцираат дека во спасувањето најважно е времето, а тоа може да се добие доколку се направи соодветен и ефикасен систем кој во моментов не постои.

Предизвиците  и современите трендови за планинско спасување беа тема и на панел дискусијата што се одржа во Струмица на која учествуваа претставници од повеќе институции, планинарски и алпинистички друштва и граѓани. Главната цел на средбата беше информирање за значењето на системите за планинско спасување, како и неопходност од институционално и системско решавање на ова прашање во регионот, како предуслов за развој на авантуристичкиот туризам и безбедноста на граѓаните.