ДСЗИ затвори уште една ординација која немала дозвола за хируршки интервенции
Државниот санитарен и здравствен инспекторат времено ја затвори и ординацијата за пластична и реконструктивна хирургија “д-р Огнен Даскалов”. При вонредниот надзор инспекторите контатирале дека во просториите на приватната здравствена установа имало хируршка сала, а немале дозвола од министерството за здравство за вршење операции. Недостатоци имало и во однос на кадарот.
- Имале пријавено медицинска сестра на определено време од еден месец, што не е дозволено, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.
Лентата од ДСЗИ ќе остане на вратата на ординацијата додека не бидат отстранети неправилностите. Претходно беа затворени и двете приватни установи “Јанита” и “д-р Митаноски” инволвирани во случајот со смртта на пациент од Ресен, кој почина од сепса по операција на хемороиди. Од вкупно 5 помали приватни ординации за хируршка дејност во Скопје 3 имаат клуч на врата. Од ДСЗИ најавија дека следни за контрола ќе бидат и поголемите приватни болници.
Здравствени инспектори го испитуваат и случајот со двеипол годишно дете кое почина во вторникот од сепса предизвикана од бактериска инфекција на Детска. Освен на Клиниката го провериле и текот на лекувањето кај матичниот лекар и во болницата во Козле каде девојчето било третирано неколку часа пред да го пратат на Детската Клиника. ДСЗИ ќе побара од министерството за здравство да формира и стручна комисија за да се утврди дали има пропусти во третманот на детето.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
