Живот
13. August 2025 - 12:59

Дубровник најбезбеден туристички град во Европа

Според ново истражување на туристичката агенција „Ривиера травел“ (Riviera Travel), Дубровник е најбезбедниот град во Европа.

Иако фактори како што се активностите, времето и буџетот обично го обликуваат изборот за одмор, и безбедноста е клучен фактор при резервација на следната дестинација. Во таа смисла, градови како Дубровник (Хрватска) и Талин (Естонија), на пр., успеале да го зачуваат своето средновековно наследство, истакнувајќи ја и безбедноста и удобноста на туристите и жителите.

Индексот на најбезбедни туристички места ги оценува европските градови врз основа на растот на стапките на криминал во последните пет години, како и моментните нивоа на криминал, за комбиниран резултат т.е. оценка за безбедност. Најниската бројка, како најниска стапка на криминал, ја означува најбезбедната дестинација.

Следат петте најбезбедните градови во Европа:

Дубровник

Како еден од најпопуларните градови во Хрватска, Дубровник, се чини, е и најбезбеден – според „Ривиера травел“, со вкупна безбедносна оценка 44,1. Градот, наречен „Бисер на Јадранот“, е светско наследство на УНЕСКО, поради неговиот добро зачуван Стар град – со особено добро осветлени улици, но и исклучителна стара, средновековна архитектура.

И безбедното ноќно истражување на ова туристичко место е можно, па дури и ако се обидете сами, бидејќи градот е многу лесен за пешачење.

Дубровник, според „Лонли планет“ (Lonely Planet), е особено гостопримлив за туристите – ги штити своите жители и создава безбедна средина за посетителите. Насилниот криминал е редок, иако ситни кривични дела како што се џебни кражби – сè уште можат да се случат, или пак, повремени туристички стапици и измами од таксисти.

Талин

Естонскиот главен град се најде на второто место на Индексот, со вкупна оценка за безбедност од 55,8 т.е. многу ниска стапка на криминал. Градот е и еден од најбезбедните главни градови во Северна Европа. И тука Стариот град е место од листата на светското наследство на УНЕСКО – како исклучително добро сочуван пример за средновековен трговски град во овој дел на Европа. 

Апликациите за такси – како „Болт“, нудат услуги „Жени за жени“, коишто им овозможуваат на патничките конкретно да побараат превоз од жени-возачи.

Властите во Естонија, исто така, ја поттикнуваат безбедноста, како и полесен пристап до услуги и информации преку интернет.

Варшава

Главниот град на Полска е трет град на Индексот, со оценка 60,2. Иако градот бележи умерено зголемување на криминалот последниве пет години, сепак има ниска стапка на криминал.

Прага

Чешката престолнина, нарекувана и „Град на сто кули“, е на место бр. 4 на Индексот – со оценка 50,9. Слично на Варшава, и Прага бележи умерено зголемување на криминалот последниве пет години, иако сè уште има ниска моментна стапка на криминал.

Според „Праг вјус“, спроведувањето на Законот е проактивно и делотворно, особено во справувањето со џебните кражби, но и други кривични дела. Во одржувањето на редот, голем удел има и тоа што во градот е поставен добар систем за надзор.

Краков

Уште еден полски град на листата… Краков се наоѓа на петтото место, со оценка за безбедност од 64,3. И тука се бележи умерено зголемување на стапката на криминал последниве пет години.

Краков има пријателски став кон туристите, се вели, а и јавниот превоз е генерално безбеден, дури и ноќе.

Топ-10 листата ја дополнуваат: Амстердам (Холандија), Минхен (Германија), Рејкјавик (Исланд), Цирих (Швајцарија) и Будимпешта (Унгарија).

 

МИА