ДУИ бара бадентер во Уставен – за Гаши тоа не е табу тема
ДУИ бара одговорност од Претседателот на Уставниот суд и воведување на бадентер при гласање за прашања кои ги засегаат етничките заедници. Му замеруваат дека Законот за јазиците го квалификувал како извор на правен и политички хаос, бил судија известител кога Уставен го укина балансерот, имал став дека Сејф сити не треба да испраќа пораки на албански, а натписот во салата на Уставниот суд бил само на македонски.
Бараат јавно да ги објаснел овие забелешки или да си поднесе оставка, а Собранието да најде начин да го повика на одговорност. И натаму стојат на ставот дека во Уставниот суд треба двојно мнозинство.
Премиерот Мицкоски веќе го отфрли овој предлог. Според него одлуките во Уставниот суд се носат врз основа на правото и Уставот и тоа нема врска со етничките прашања. Сличен став имаше и Претседателот на Уставниот суд кој ги отфрли обвинувањата коментирајќи ги како неосновани и политички мотивирани. Остана на ставот дека Уствниот суд работи по Устав, а не етнички линии.
За разлика од него, за Претседателот на Собранието бадентер во Уставен не е табу тема.
А за да имаме подобар Уставен суд, Претседателот Костадиновски веќе предложи воведување на институтот Уставна тужба и носење на Закон на Уставниот суд, процедура за која треба двотретинско мнозинство, за што во моментов, како што оцени премиерот нема услови.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
