Македонија
17. May 2026 - 19:43

Џентлменско возење на мотор за подигнување на свесноста за машкото здравје

Со мисија да се подигне свесноста за машкото здравје и да се соберат финансиски средства за помош на сите мажи кои се борат со рак на простата, изминатиов викенд во Скопје се организираше 11-тото издание на "Џентлмен рајд". Над 220 дотерани мотоциклисти, возеа низ скопските булевари во чест на машкото здравје и борбата против машките болести.

Со самото учество на настанот, мотоциклистите донираат за сите оние кои се борат со ракот на простата. Изминативе години, ваквите настани на глобално ниво има соберено над 60 милиони долари во знак на поддршка на сите оние кои се борат со машките болести. Притоа, не смее да се заборави и придонесот на Македонија - со дури 24.000 долари.

Возењето во чест на машкото здравје, за мотоциклистите и сите набљудувачи на овој настан имаше навистина стимулативен и едукативен карактер. Преку самиот настан, се мотивираа мажите да започнат со превентивни прегледи против рак на простата и да не чекаат ова заболување да се развие подлабоко и да предизвика посериозни проблеми.

Со собраните средства, и овогодинешниот ,,Џентлмен рајд“ покажа дека забавата и рекреативното возење можат да бидат во служба на хуманоста - и во служба на оние на кои помошта им е најпотребна.