ЕК ѝ изрече на Грција казна од речиси 400 милиони евра поради злоупотреби со земјоделските субвенции

Европската комисија ја казни Грција со 392 милиони евра поради неправилно управување со европските земјоделски субвенции во периодот од 2016 до 2023 година, јавува весникот „Катимерини“. Најголем дел од казната се должи на недоволниот надзор на грчката Организација за исплата и контрола на европските субвенции (ОПЕКЕПЕ), која беше укината на крајот на мај по голем корупциски скандал.
ЕК во образложението наведува дека Грција го прекршила европското законодавство поврзано со финансирањето на Заедничката земјоделска политика. Според Комисијата, проблемот е системски и со години немало соодветен надзор и функционирање на системот за управување со субвенциите.
Со таканаречена „хоризонтална корекција“, Европската комисија го намалила износот на идните субвенции за Грција за 5 проценти, а дополнително изрекла казна од 10 проценти за средствата исплатени во 2018, 2019 и 2020 година за поддршка на млади фармери. Најголемите санкции се однесуваат на субвенциите за земјоделско земјиште во 2021 и 2022 година – соодветно 79 милиони и 76 милиони евра.
Весникот наведува дека најверојатно казната ќе биде платена од државниот буџет, бидејќи алтернативно би морале да се намалат субвенциите за земјоделците, што би било политички неприфатливо.
Во 2025 година се очекуваше Грција да добие околу 1,9 милијарди евра директни субвенции од ЕУ, но сега тој износ ќе се намали за 392 милиони евра поради неправилните исплати.
Извори од земјоделскиот сектор за весникот изјавиле дека ова е само почеток и дека следуваат нови санкции. Во март годинава, Судот на ЕУ ја одби жалбата на Грција на претходна одлука на ЕК и ја задолжи да ги покрие и судските трошоци.
Скандалот избувна кога Европското обвинителство отвори истрага против 100 лица во Грција. Според „Политико“, осомничените давале лажни изјави за поседување или користење пасишта и за земјоделски активности што не ги спроведувале, со што добивале незаконски субвенции.
На 19 мај, обвинители од Европското обвинителство, придружувани од 20 припадници на одделот за борба против корупција на грчката полиција, се обиделе да извршат претрес во седиштето на ОПЕКЕПЕ, но се соочиле со опструкции од страна на вработените. По скандалот, грчката Влада го разреши претседателот на агенцијата, а нејзините надлежности ги пренесе на Независната агенција за јавни приходи.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Весна Пусиќ, поранешна министерка за надворешни работи на Хрватска
-

Во Скопје протест за поддршка на командантите од УЧК
-

Партиски препукувања за темата со мигрантите
-

СДСМ: Партиски кујни на ВМРО-ДПМНЕ за лажни вести
-

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со напади кон Спасовски
-

Франција ја блокира Црна Гора на патот кон ЕУ
-

Може ли да се укине ветото како механизам?
-

За една година згаснале околу 5.400 фирми, објави Централниот регистар
