Економска анализа на 2023
Одмрзнати плати за функционерите, замрзнати цени за граѓаните. Енергетска криза, протести и штрајкови. Повисоко ДДВ, нови давачки. Ги сублимираме економските предизвици во 2023-та година.
На функционерите годинава нема да им треба пакетче од Дедо Мраз – ќе можат сами да си купат се’ со енормно зголемените плати. Откако Уставниот суд им ја одмрзна основицата, над илјада функционери, министри, пратеници, директори, судии, градоначалници, добија 78% покачени примања. Знаејќи ја тешката финансиска состојба на граѓаните, „никој од среќните добитници“ не успеа да најде лесно и брзо решение за намалување на астрономските плати.
Пратениците од власта и опозицијата, иако речиси секогаш се остри соперници во Собранието, на оваа тема беа сложни, па немаше караници зошто имаат повеќе пари на сметка.
„Тоа е одлука на Уставниот суд според која се исплаќаат платите и ние тука немаме никакво влијание“- Бојан Маричиќ, вицепремиер.
Зголемените плати повлекоа нога за серија протести и штрајкови. За првпат во историјата на државата, на улица излегоа пензионерите. Нивните барања за линеарно покачување и минимална пензија од 18 илјади се уште не се исполнети. Со барања за 78-процентен прилив на трансакциите излегоа и повеќе синдикални организации, а својот глас го кренаа и најранливите – лицата со попреченост.
Годината иако беше рекордно топла, поголемиот дел од неа цените беа замрзнати. Основните продукти ќе се продаваат по гарантирана цена до крај на јануари. Првото замрзнување на цената на лебот, на пекарите им падна тешко, па рафтовите низ маркетите ги оставија празни. Откако државата ги обврза да ги наполнат сите полици, се сложија да месат, ама се заканија и дека ќе тужат оти ќе претрпеле штета.
„Подобро да затворат отколку штетата да биде на грбот на граѓаните. Не ми требаат такви компании кои ќе имаат цени 40,45 денари за 450 грама бел леб и полубел леб. Слободно нека затворат“ – Крешник Бектеши, министер за економија
И додека државата правеше одмрзни – замрзни на цените и маржите, во Министерството за финансии вредно се кроеше долгата листа на продукти со повисоко ДДВ. Илјадници производи наместо со 5, почнаа да се продаваат со 10% ДДВ. Листата беше толку долга, што дури ни министрите не знаеја што се’ и зошто има на неа.
„Не знам каде е луксузот кај фефероните“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања
Предизвикувачка беше и енергетиката. Купувавме гас за по две недели, а причината, според надлежните, беше дека така сме сигурни и нема да сме оштетени. Сепак, потоа плаќавме гас поскапо и од берзанскиот, а тогаш актуелниот директор на ЕСМ, таквото трошење го бранеше како успех.
„Во моментов, да, пониска е цената на берзите, има тенденција на паѓање, но да не заборавиме дека на берзите се случуваат енормни скокови преку ноќ“ – Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ.
По завршувањето на грејната сезона, стравувавме дали и како ќе почне новата. Мостот Беласица се запали, а изгорените цевки не можеа да пренесат топлинска енергија. Новите цевки на ЕСМ летуваа покрај Вардар, а за првпат не можеше ниту на време да се пресмета новата цена. Студот дојде, па цената се донесе под претпоставка дека топловодот е саниран, иако тој се уште не е. Се користи алтернативен.
„Ние очекуваме од нив да си ја исполнат обврската што ја презеле. Од нашата страна сè што е непходно им е овозможено“ – Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје
Нов шок беше бугарската такса за рускиот гас. Надлежните ја нарекоа уцена и најавија жалба до ЕУ, па здивнаа откако Бугарија се повлече од давачката.
Доцнеше и антикризниот пакет со финансиска помош. Се најавуваше три месеци, а ќе трае од 5 до 7, во зависност од категоријата. Пензионерите не му се израдуваа, препознаа поткуп. Родителите и учениците, пак, се „изгубија“ во лавиринтот на административните процедури. И како по традиција, паднатиот систем.
Крајот на годината го најави почетокот на новата давачка. Сите ќе плаќаме по 200 денари за пристап до мрежа. Регулаторот кажа дека погодени ќе бидат богатите со повеќе станови или викендици, оти тоа било луксуз, па оние кои вечерва ќе ја дочекаат новата година во викендица, веќе од утре тоа може да им се смета за луксузен дочек.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
