Македонија
29. April 2023 - 16:39

Експертите бараат меѓународна помош за случувањата во Судскиот совет

Случувањата во Судскиот совет ја отсликуваат состојбата во правосудството. Експертите велат, неопходна е меѓународна помош која ќе го следи однесувањето на судските власти и примената на законите.

„Тешко дека ова би можело да го решиме самите ние. Затоа, според мене, треба да се изнајде некое решение каде луѓето кои делат правда  да бидат мониторирани и на некој начин селектирани па дури и дисциплинирани кога не ја работат својата работа од независен меѓународен експертски тим кој ќе биде арбитар во процесот“

Според Селими, судството и политиката често го изговараат зборот реформа, но одбиваат да го применат. Се сомнева дека нарушените меѓучовечки односи придонеле за хаосот во Судски.

„Во целата оваа работа што се случува или просто кажано, циркус, кој се случува внатре во Судскиот совет има некоја позадина, но која е таа, сигурно не е  во интерес на граѓаните. Сигурно станува збор за некоја пресметка за нечии други интереси, не за интересите на граѓани и тоа е жалоосно“

Дел од Правната фела пак смета дека членовите на Судски треба да си поднесат оставка. Покажале дека не применуваат закони, ниту пак го познаваат правото.

„За ова неправно однесување, за ваквото непознавање на процедурата и правото од страна на најистакнатите правници во државата, бидејќи судскиот совет го сочинуваат судии и истакнати правници, барем така пишува во законите апсолутно мора да се сноси одговорност“, вели Ана Павловска Данева.

Заменик претседателот пак кој го иницираше разрешување на Дамева, во интервју за порталб, вели нема прекршување на закон. Во него бил регулиран само избор, но не и разрешување.

„Се што не е забрането со устав и закон, е дозволено. Овде има дупка и никој не може да каже дека доколку си избран со осум гласови, треба и да те разрешат со осум“

Во вторник судски најави дека ќе бира нов претседател. Дали изборот и разрешувањето е законско дополнително ќе истражува обвинителството.