Еврометар 2026: Расте оптимизмот за демократијата и евроинтеграциите
Европската Унија сѐ уште е најпосакувана меѓу граѓаните. Дури 65,7 отсто од граѓаните сметаат дека Европска Унија е најдобрата алтернатива, а помалку од една третина од граѓаните сметаат дека Македонија треба да бара сопствен модел за развој надвор од Унијата. Еуротинк ги презентираше наодите од истражувањето „Еврометар 2026“. Истражувањето покажува закрепнување на еврооптимизмот во државата. Најголем дел од граѓаните веруваат дека Македонија никогаш нема да стане дел од европското семејство. Од оние кои се оптимисти, пак, 23,3% сметаат дека тоа ќе се случи во наредните пет години, а околу 30% дека тоа ќе се случи во наредните 5 до 14 години. За три години, верувањата на граѓаните дека за пет години отсега ќе бидеме дел од Европска Унија се зголемил од 10,2 на 23,3%.
Меѓутоа, истражувањето покажува и една контрадикторност. Иако граѓаните се оптимисти дека Македонија би можела да стане дел од Унијата во следните пет години, сепак, расте перцепцијата дека односот на Европска Унија кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки.
„Да, навистина тоа се малку контрадикторни податоци. Моето толкување на тоа е дека гледаме напредок на Црна Гора и Албанија, гледаме голем напредок на Украина и Молдавија и граѓаните сметаат дека ќе можеме некако да се пробутаме во тој процес покрај овие држави“.
Во однос на демократијата - подобрено е мислењето на граѓаните. За само три години, бројот на граѓани кои сметаат дека во Македонија нема демократија паднал од 56% на 39%. Сепак, само мал дел сметаат дека работите во државата се движат во добра носока.
„Како генерална една слика, може да се забележи дека има подобрана перцепција во однос на демократијата и во однос на тоа како се движат работите во државата. Сè уште преобладувачкото чувство е негативно и за демократијата и за тоа како се движат. Меѓутоа, од 2023 година забележуваме значително подобрување во тие перцепции. Значи, помалку граѓани сметаат дека во погрешна насока се движи државата“.
Анализата покажува и етнички јаз – поддршката за ЕУ е драстично поголема кај помалите етнички заедници, додека скептицизмот преовладува кај Македонците. На полето на информирањето, телевизијата останува силен медиум за политички теми , но на интернет доминираат социјалните мрежи со над 91 процент поддршка како примарен извор на политички и европски вести.
Истражувањето е спроведено од 22 мај до 8 јуни на репрезентативен примерок од 1001 испитаник.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
