Европските партии го бришат македонскиот јазик и идентитeт од извештајот
На талибански начин и со инженеринг се брише македонскиот јазик и идентитет од Извештајот на Европскиот парламент смета премиерот Мицкоски откако бугарски медиуми и европратеници објавија дека во докумeнетот на Томас Вајс е договорено да не стои продавката „модерен“, но и воопшто нема да бидат споменати јазикот и идентитетот.
„За нас подеднакво лошо е и тоа што се брише од Извештајот македонски идентитет и македонски јазик, исто како и да стоеше модерен, буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворшени работи и македонски јазик и македонски идентитет, ќе остане во колективната меморија, дека за прпват некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик, во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија“, изјави Мицкоски.
Премиерот смета дека како држава и граѓани сме доведени во ваква ситуација поради потезите на претходната власт во делoт на евроинтеграциите.
„И сега сите тие коишто манипулираа во минатото, сите оние коишто не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници, коишто доаѓаат и надвор од Македонија и политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или појма немаа од водење политика… За жал, оние егзибиции коишто седум години се случуваа кај нас, дома тука, не доведоа во една ваква ситуација. Еве гледате би рекол, има еден збор да го употребам, но не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред, на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Извештајот во Европа“, изјави тој.
Од СДСМ пак, возвраќаат дека најголем непријател на македонскиот јазик, култура и идентитет е Мицкоски бидејки поради партиски интереси во Европа ја отворил дебатата за идентитетот и јазикот која била затворена.
„СДСМ ја извојува победата во Брисел со Преговарачката рамка во која е наведен македонскиот јазик, како и со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС на чист, единствен и признаен македонски јазик – без никакви придавки, фусноти и ѕвездички. Тоа беше јасна победа за Македонија и за граѓаните, која Мицкоски никогаш не ја призна. Тој беше разочаран, молчеше и не се радуваше – сега е јасно зошто.
Мицкоски треба веднаш да се извини пред македонскиот народ за лажните ветувања и да сноси политичка одговорност за тоа што го избриша македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент“
Според објавата на бугарската агенција БГНЕС трите најголеми политички сили во ЕП, Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова се согласиле да поднесат и изгласаат амандман да се отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев пак, обвини дека лобирањата од македонска страна да не се прифати придавката „модерен“ пред македонски јазик и идентитет била реторика на власта да прикажи некако триумф во пресрет на локалните избори.
„ И покрај невидениот притисок и лобирање, таков преседан не треба да стане дел од извештаите на Европскиот парламент или на која било друга европска институција. Наместо тоа, РСМ треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историскиот комитет. Тоа е местото каде што треба да се дискутираат темите од нашата заедничка историја, како што е напишано во договорот“, напиша Ковачев на ФБ.
Според извори од преговорите во Брисел, бугарските претставници инсистирале во извештајот да стои „современ“ македонски јазик и идентитет. Им било укажно дека дека тоа нема да помине, но компромисот бил најден во тоа целосно да се исклучат идетитетските формулации.
Извештајот за Македонија на известувачот Вајц треба да се гласа на пленарната седница на ЕП на 8 јули.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар