„Фајненшл тајмс“: Мерц се закани со блокада на буџетот на ЕУ ако членките не се обврзат да ја финансираат Украина

Германскиот канцелар Фридрих Мерц се заканил дека ќе го блокира усвојувањето на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку сите земји членки не се обврзат да учествуваат во финансиската поддршка за Украина во текот на 2027 година и во наредниот период, пишува весникот „Фајненшл тајмс“.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Мерц ја условил германската поддршка за буџетот на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година со постигнување договор за заедничко финансирање на Украина. Според проценките, Украина следната година би можела да се соочи со недостиг од 70 милијарди евра.
„Сите земји членки, без исклучок, мора да преземат обврска за правично учество во покривањето на финансискиот недостиг на Украина. Тоа е клучен предуслов за решавање на прашањето за финансирањето на Украина, но и за разговорите за сите други теми, особено за оние што имаат финансиски импликации“, навел Мерц во писмото.
Германскиот канцелар бара и да се најде решение со кое на Украина ќе ѝ се обезбеди стабилно повеќегодишно финансирање од 2028 година, вклучително и покривање на каматите на веќе преземените обврски.
Барањето на Мерц доаѓа во пресрет на неформалната средба на лидерите на Европската Унија во Даблин, на која, на негово инсистирање, се очекува да се разговара за финансиските потреби на Украина.
МИА
Ново на Сител
-

УГД ги суспендираше двајцата осомничени вработени
-

Мицкоски: Mакедонскиот јазик мора да биде франка лингва во правосудниот систем
-

Нов модел на студентско стипендирање
-

Гужви во пунктовите за имунизација со деца од градинки кои не примиле МРП вакцина
-

Светска недела за подигнување на свесноста за малнутриција
-

Ветеринарните друштва преку мирен протест предупредија дека секторот е пред колапс
-

Преглед на вестите од светот
-

Мицкоски: Алта банка ќе биде спасена
