Македонија
18. November 2022 - 12:28

Фатиме Фетаи се повлече од трката

Фатиме Фетаи се повлече од трката за шеф на скопското Вишо обвинителство. Во изборот кој е најавен за понеделник, освен таа, свои кандидатури за раковондото место имаат и досегашниот прв човек Мустафа Хајрулахи и обвинителот Бурим Рустеми.

Од Советот на јавни обвинители кои треба да го спроведат изборот, велат дека по електронска пошта добиле известување од обвинителката Фетаи дека ја повлекува кандидатурата, но очекувале и лична потврда. Претседателот Антонио Јолевски во телефонски разговор за Сител вели дека Фетаи испратила порака и на Вибер дека преку електронска пошта испратила известување за повлекувње на кандидатурата. Јолевски вели дека побарал да ја слушне и на телефон, но таа се уште не го барала.

Фетаи пак не е достапна да одговори зошто ја повлекла кандидатурата. Од советот велат дека таа минатата недела била и на интервју, но ништо не невестувало дека има намера да ја повлече кандидатурата.

Ова доаѓа во период откако Советот во понеделникот го одложи изборот за шеф на Вишото во Скопје. Седницата доцнеше час и половина, а откако членовите влегоа во салата објаснија дека изборот бараат да се одложи за една недела.. Дел од документите на тројцата кандидати пристигнале доцна, па немале време да ги разгледаат. Првиот човек на Советот, Антонио Јолевски, тогаш тврдеше дека тој инсистирал да се избере Виш обвинител, но членовите побарале дополнително време за разгледување на оценките и предметите кои ги работеле Фетаи, Хајрулахи и Рустеми.

Седницата за избор е закажана за понеделник, но по одлуката на Фетаи да се повлече, сега изборот е сведен на двајца кандидати.

Идентична ситуација го следеше и изборот на прв човек на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. На огласот првично се пријавија петмина обвинители, но непосредно пред изборот, кандидатурата ја повлече обвинителката Енѓелуше Кадриу – Леши.