Македонија
25. December 2023 - 16:45

Финансиската полиција влезе во Град Скопје

Финансиската полиција влезе во Град Скопје. Ќе проверува како и колку пари се потрошени од градскиот буџет за украсувањето на главниот град. Инспекторите ја одземале потребната документација, но засега не откриваат никакви детали. Дали некој ќе сноси одговорност, дополнително ќе се утврдува. 

„Имајќи во предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“, велат оттаму.

Во меѓувреме, Арсовска на ФБ објави фотографија на која се гледа како игра шах со Дедо Мраз.

„Во исчекување на резултатите од истрагата за елката“, напиша таа.

Претходно од Град Скопје рекоа дека китењето на плоштадот и главните сообраќајници е спроведено согласно закон и дека институциите нема да најдат ништо спорно.

„Градоначалничката Арсовска информираше дека украсувањето годинава ќе чини 30 илјади евра. За јавниот повик, пак, кажа дека бил распишан и објавен во дневни весници.“

На веб страната на Град Скопје каде се објавени сите јавни повици, повик за новогодишно украсување нема. Тендер нема ниту на Бирото за јавни набавки.

Централниот одбор на ЛДП вечерва ќе решава како ќе се собираат потписи за иницијативата со цел преку референдум да ја сменат скопската градоначалничка. Идејата им е референдумот да се одржи заeдно со изборите во мај догодина. 

Ваквиот потег Арсовска го оцени како елементарно непознавање, бидејќи, како што рече, законите немаат ретроактивна примена.