Македонија
1. December 2024 - 17:04

Годинава регистрирани 51 случај со ХИВ/СИДА – Невладините бараат поголем буџет за превенција и терапија

Стигмата, дискриминацијата и стравот дека ќе останат без терапија се предизвиците со кои се соочуваат лицата со ХИВ/СИДА во Македонија. Од граѓанската организација “Заедно Посилни“ велат дека овие граѓани најмногу биле дискриминирани во здравствениот сектор бидејќи најчесто таму требало да го кажат нивниот статус, но најголема грижа имале поради неизвесноста дали навреме ќе добијат соодветна терапија.

Од граѓанското здружение предупредуваат дека пациентите и идната година ќе бидат во неизвесност дали ќе имаат терапија  бидејќи имало намалување на средствата во програмата за заштита на населението од Хив - инфекција, а со предвидените 90 милиони денари не можело да се реализираат ниту мерките за превенција.

Од “Заедно Посилни“ апелираат до надлежните министерства и собранието сериозно да размислат и да ги зголемат парите за оваа програма за да се спречи поширока епидемија.

Според податоците од ИЈЗ годинава во Македонија регистрирани се 51 случај со ХИВ/СИДА, а 5 лица починале. Повеќето од новите случаи се од Скопје, на возраст од 20 до 39 години.