Македонија
3. јуни 2025 - 8:36

Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за ланската година на 51. седница на Собранието

Пред пратениците во рамки на 51. седница на Собранието е Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2024 година.

Во Извештајот објавен на собраниската веб-страна се посочува дека во текот на 2024 година, Советот во рамки на 39-те одржани седници извршила избор на судии и претседатели на судови, избор и разрешување на судии поротници, констатирал престанок на судиската функција, утврди нестручно и несовесно вршење на судиската функција со изрекување на дисциплински мерки, ги разгледал и оценил тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите, донел одлуки за времено упатување на судии од еден во друг суд, извршил работни посети во судовите со цел констатирање на одредени состојби и вршел и други работи во рамки на својата надлежност утврдени со закон.

-Оценската мисија на ЕУ во текот на 2024 година изготви извештај за функционирање на Судскиот совет на РСМ во кој извештај се дадени долгорочни, среднорочни и краткорочни препораки, а имплементацијата на краткорочните препораки за кои надлежен е Советот започна во 2024 година преку активностите кои ги спроведува Советот. А кои се нотирани во усвоениот Акциски план. Во текот на 2024 година приоритетни се активностите нотирани во Акцискиот план за имплементација и спроведување на препораките не ЕУ упатени до Судскиот совет на РСМ. Воедно, имајќи го предвид Извештајот на Оценската мисија и насоките и укажувањата во истиот, Судскиот совет во наредниот период ќе продолжи да се залага за заштита на интегритетот, независноста и професионалноста на судиите и на институциите и ќе се спротивставува на било какво внатрешно или надворешно влијание во работењето, се наведува во Извештајот.

Приоритет за Судскиот совет во текот на 2025 година, како што се нагласува во Извештајот, ќе биде натамошната реализација на препораките нотирани во Извештајот на Оценската мисија кои се дадени со цел за подобрување на постапката за избор, унапредувањето и одговорноста на судиите/претседателите на судовите и членовите на Советот, како и подобрувањето на транспарентноста, комуникацијата и управувањето со ресурси во Советот. Во таа насока, Советот посочува дека ќе продолжи со максимални заложби за доследна примена и постапување согласно законските одредби, следење на состојбите во судството и давање на нови предлози за подобрување на состојбите, следење на работата на судиите и претседателите на судовите, како и на самите судови, преземање дејствија во рамки на своите надлежности при детектирање на коруптивни дејствија во судството, а во таа насока и залагање за имплементација на донесената Програма и Акционен план за превенција и следење на корупцијата во судството 2022-2025 година.

Во Ивештајот се посочува дека една од основните заложби на Советот е финансиското одвојување на судската власт од другите власти, односно залагање за зголемување на процентот на Судскиот буџет во однос на Бруто домашниот производ од сегашните 0,3 проценти на годишно ниво на законските определени 0,8 проценти од Буџетот за судска власт.

На ова седница се и Предлог на законот за ратификација на Договорот за Централноевропската програма за размена на универзитетски студии (ЦЕЕПУС IV), Предлог на законот за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност во прво читање, Предлог на законот за изменување на Законот за приватните агенции за вработување во прво читање и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавно здравје во прво читање.