Голем пожар во Гевгелиско
Нова огнена стихија се заканува во местото Погана, помеѓу Гевгелија и Богданци. Пожарот избувнал попладнево во поле со сува трева, но веќе излегува од контрола и се заканува да се прошири во два правци. Најопасно е доколку се прошири накај селото Ѓавато кое има околу 400 жители.
Противпожарните екипи од регионот како и мештаните се обидуваат да го локализираат, но информациите од терен се дека забрзано се шири, а нема можност да се обезбеди хелихоптер или авион на ДЗС бидејќи не можат да летаат навечер. Од ЦУК се надеваат дека во пресрет ќе им излезе температурата која се очекува да опадне во вечерните часови.
Во моментов земјава располага со два армиски и еден полициски хелихоптер, како и еден авион на Дирекцијата за заштита и спасување.
Вториот треба да пристигне во секој момент, но поради пожарите низ Европа може и да се одложи.
Според директорот на ЦУК, бројот на ресурси не е доволен, но не само кај нас туку секаде низ светот каде што има пожари, бидејќи не може да се предвиди нивниот обем летно време, а да се инвестира во повеќе авиони и нивно одржување во текот на целата година се потребни многу ресурси.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
