Град Скопје со мерки и препораки до граѓаните за заштита на амбиенталниот воздух

Град Скопје издаде препораки и мерки за заштита на амбиенталниот воздух откако утринава Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.
Согласно надлежностите на градот Скопје утврдени со Законот за животна средина, Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, како и уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, градот Скопје ги издава следниве препораки:
-Сите јавни установи на подрачјето на градот Скопје да извршат итна проверка на исправноста и ефикасноста на грејните тела, климатизациските системи и останатите уреди за загревање;
-ЈП „Комунална хигиена“ да спроведува зачестено чистење и миење на коловозните површини во надлежност на град Скопје, а општините да постапат аналогно за улиците во нивна надлежност;
-Се препорачува граѓаните, во периоди кога надворешната температура е над 0*C, доколку имаат техничка можност, да користат климатизациски уреди и инвертер-системи, наместо индивидуални ложишта на цврсти или течни горива;
-Инсталациите во кои се врши согорување на енергенси да се користат во согласност со европските еколошки стандарди;
-Сопствениците и корисниците на објекти (правни и физички лица) да извршат проверка на исправноста на уредите за загревање, а при идни инвестиции да предвидуваат технологии со пониско ниво на емисии;
-Да се применува користење на јавниот превоз, да се избегнува користење на патнички возила без оправдана потреба и да се применува принципот на заедничко користење на возилата (car sharing);
-Институциите и правните субјекти, колку што е можно, да го ограничат користењето на службени возила, а при идни набавки да се предвиди користење на електрични, хибридни, односно возила кои како гориво користат енергенс со кој максимално се редуцира емисијата на полутанти во амбиенталниот воздух;
-Градежната механизација да го избегнува движењето во периодите на сообраќаен метеж, од 7:30 до 8:30 часот и од 15:30 до 17:00 часот.
Препораки и мерки за заштита на населението:
-Се препорачува ограничување на престојот на отворен простор, особено кај чувствителните категории на население;
-Да се избегнуваат спортски настани на отворено;
-Средните училишта под надлежност на градот Скопје да извршат проверка на состојбата и функционалноста на прочистувачите на воздух;
-Општините на подрачјето на град Скопје да спроведат проверка на прочистувачите на воздух во детските градинки во нивна надлежност.
Надзор над инсталациите и теренските контроли во населените места:
-Зајакнати инспекциски надзори на инсталации кои поседуваат Б интегрирани еколошки дозволи и одобрени елаборати за животна средина;
-Зајакнати инспекциски надзори над градилиштата со цел заштита од создавање прашина од градежната механизација и градилиштата;
-Зајакнати контроли во однос на создавање диви депонии и спалувања на отворен простор;
-Контрола на одобренијата за дотур на роба кои ќе важат во периодот од 18:00 до 7:30 часот наредниот ден, согласно одлуката за изменување и дополнување на одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на град Скопје;
-Вонредни контроли на техничката исправност на возилата во однос на зголемени емисии на штетни гасови во соработка со надлежното министерство;
-Контрола на воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, со насока да се користи обиколницата во соработка со надлежното министерство.
Дополнително, градот Скопје известува и дека овластените инспектори за животна средина, комуналната инспекција и комуналните редари на градот, постојано вршат инспекциски надзори на диви депонии, стрништа, ораници заради спречување на нивно палење.
Изречени се и прекршочни платни налози според Законот за управување со отпад, Законот за амбиенталниот воздух и Законот за животна средина.
Градот Скопје исто така апелира до граѓаните да не се користат огномети и пиротехника за време на претстојните празници со цел заштита на здравјето на граѓаните, животната средина, како и безбедноста на луѓето и животните.
МИА
Ново на Сител
-

Еуродизелот поевтинува за два денара, цените на другите горива остануваат исти
-

Приведени двајца соственици и управители на златара поради сомнение за даночно затајување со што е оштетен држвниот буџет од 64.924.298 денари
-

Три закони за високо образование и наука наскоро ќе бидат поставени на ЕНЕР
-

Град Скопје со мерки и препораки до граѓаните за заштита на амбиенталниот воздух
-

Грчките земјоделци попладнево повторно ќе го затворат граничниот премин Евзони
-

Јаневска: Стратегијата за образование 2026-2030 ќе биде донесена на почетокот на јануари
-

Јубилеен концерт: 35 години Миле Кузмановски
-

ГАК: Причина за смртта на новороденчето е незрелост на белодробието, нема физичка повреда на органите
