Градежниците - Најдефицитарен кадар во земјава, недостигот се увезува од странство
Градежништвото – најдефицитарен сектор во моментов. Компаниите не можат да најдат работници и покрај зголемениот обем на работа, па затоа се принудени да увезуваат од странство. Недостасува кадар и во туризмот, трговијата и производството. Расте побарувачката и за работници од ИТ секторот, телекомуникациите, маркетингот и социјалните медиуми. Анализата на Агенцијата која посредува при вработување покажува блага стагнација на објавените огласи во првите 6 месеци годинава, додека лидер во објавите кои бараат кадар, била државата.
Државните служби бележат импресивен раст на огласи во првите 6 месеци, дури 519, што покажува силна активност, зголемена потреба од кадар, но реалната ситуација вели дека секоја промена на власт си носи постоечкиот кадар од една да се замени со кадар од владејачката партија. Изборните години секогаш носат отворени позиции во јавната администарција., вели Дарко Велков, Агенција за посредување при вработување
Но токму во јавната администрација има превработеност, додека приватниот сектор кубури со кадар. Затоа Велков предлага дел од тие да се префрлат во фирмите, а за возврат државата да им даде некакви субвенции.
Ние имаме кадар, ако јас се прашувам. Имаме превработеност во јавниот сектор. Ако околу 35 до 40,000 лица од јавната администрација се дадат во приватниот сектор, ќе се надополни недостигот. За сметка на тоа државата да не стимулира со субвенции во придонеси или слично. Во исто време, платите на тие кои ќе останат ќе бидат повисоки, и ќе добиеме ефикасна администрација, додава Велков.
Новото време, каде вештачката интелегенција и дигитализацијата стануваат неминовност, носи многу промени. Дел од професиите ќе изумрат, а секој кој сака да си ја зачува позицијата ќе мора да се надгради со брзи курсеви и обуки, предлага Велков. За тие што нема да се прилагодат, ќе нема работа ни дома, ниту во странство.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар