Македонија
5. October 2018 - 16:23

Градоначалникот на Ново Село поднесе оставка од морални причини

Градоначалникот на општина Ново Село Боро Стојчев си поднесе неотповиклива оставка од фунцијата прв човек на општината. Во писмената изјава Стојчев пишува дека оставката ја поднесува од морални причини.  Од општина Ново Село потврдија дека барањето за оставка на гадоначалникот е пристигнато во општината и доставено до претседателот на советот. Засега,  нема информации кога ќе биде закажана седницата на која локалните советници  ќе расправаат по истата.

 Пред неколку дена оставка од Стојчев  побараа и од неговата матична партија СДСМ од каде што информираа дека веќе била започната постапка за бришење од евиденцијата и негово исклучување од партијата.  Градоначалник на Ново Село стана актуелен во јавноста откако полицијата го фати во обид преку див граничен премин на македонско бугарската граница да прошверцува поголема количина цигари. Во акцијата во која беа запленети 66 картонски кутии со околу 3300 штеки цигари во вредност од над 3 милиони денари беа приведени уште четири лица меѓу кои и членови на неговото потесно семејство.

 За ова кривично дело струмичкиот суд го осуди  на казна затвор од 18 месеци . По жалбата од страна на неговата одбрана Апелациониот суд во Штип ја намали  казната на шест месеци затвор.

Во меѓувреме обвинителството од судот побара Стојчев да се упати на издржување казна затвор од  две години за друго кривично дело за кое во 2015 година бил осуден условно на четири години.