Градовите со најмалку вакцинирани имаат најмногу починати
За еден месец 480 граѓани ја загубиле битката со Ковид 19 во Македонија. Анализата на министерството за здравство покажува дека 51 односно 10 проценти од починатите биле вакцинирани, но имале повеќе хронични заболувања.
Од здравство информираат дека во градовите каде опфатот на имунизација е помал, смртноста е поголема. Најмногу починати во 4-от бран, 109 има во Тетово, каде во јули имаше само 19 проценти вакцинирано население. Откако се преполнија болничките капацитети и секојдневно имаше смртни случаи , последните недели се зголеми интересот за вакцинација во овој град кој сега изнесува 37 отсто. Од тетовската болница велат дека скоро сите починати не биле вакцинирани.
-Еден фактор за голем број починати е касното доаѓање на лекар, и вториот фактор е што ние на почетокот на бранот имавме многу малку вакцинирани граѓани, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор на Ковид центарот во тетовската болница.
Ако се погледне картата на Македонија слична е ситуацијата и во Гостивар каде има 73 починати лица, а имаат и најмалку 29,6 проценти вакцинирано население. Во Куманово има 43 починати со имунизирано 33.3 проценти од граѓаните. Во Струмица има 32.,1 насто вакцинирани и 19 смртни случаи.
Од друга страна градовите со висок процент кој се движи околу 60 отсто како што се Кавадарци, Охрид, Гевгелија, Ресен имаат едноцифрена бројка починати.
Инаку последните 4 недели во земјава регистрирани се 22.416 позитивни од тестирани 18 проценти од нив биле целосно вакцинирани, имунизирани се и 13 отсто од 1154 инфицирани кои во моментот се хоспитализирани во Ковид центрите низ државата, информираат од здравство.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
