Граѓански законик за граѓанско-правните односи
Законите кои ги регулираат граѓанско-правните односи, во иднина ќе бидат преточени во граѓански законик. Освен измени во постоечките регулативи, со граѓанскиот законик ќе се воведе и брачен договор за имотот на сопружниците, а ќе се прецизира и доделување деца после развод..
Различните закони за граѓанското право ќе добијат единствена регулатива. Семејните и наследни односи, облигационо и стварно право во иднина ќе бидат дел од граѓански законик. Тој предвидува и воведување на брачен договор, а ќе се регулира и вонбрачната заедница.
„Ние сме една од ретките земји во светот каде што во ист момент можете да бидете во полноважен брак и во полноважна вонбрачна заедница, затоа што за вонбрачната заедница не се предвидени брачни пречки. Понатаму, подетално ќе ги регулираме имотните односи помеѓу родителите и децата и помеѓу брачните партнери, ќе го воведеме моделот за заедничкото вршење на родителското право по развод на брак кој со децении е присутен во европските законодавства“, изјави Дејан Мицковиќ, Потпретседател на раб група за Граѓански законик.
Со граѓанскиот законик ќе се уреди и доделувањето деца после развод.
„Спротивно на конвенцијата за правата на детето, во Македонија е можно со одлука на Центар за социјални работи да се одземе во одредени ситуации детето од едниот родител. Тоа е апсолутно неприфатливо, затоа што во конвенцијата на ОН за правата на детето, се предвидува дека само суд може да донесе ваква одлука, така што и ова ќе го промениме“, вели Мицковиќ.
Од министерството за правда велат, граѓанскиот законик ќе се подготвува во следните две години, по што и Македонија ќе се вброи во големиот број европски држави во кои граѓанските права се регулирани со еден закон.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
