Граничната полиција на Богородица спречи обид за криумчарење 7-мина авганистански мигранти
Полицијата спречи нов обид за криучмчарење мигранти. Групата од седум лица авганистански државјани била откриена рано утрово во близина на селото Прдејци во патничко возило Сузуки свифт. Возилото со велешки регистарски ознаки го управувал 47 годишен гевгеличанец, а било запрено за контрола од страна на патрола од граничниот премин Богородица. При прегледот на возилото пронајдени се седуммината мигранти на возраст од 18 до 38 години. И мигрантите и возачот се приведени за понатамошна постапка.
Сличен ваков случај беше регистриран и во текот на вчерашниот ден во близина на клучката кај селото Смоквица. При контрола на Фолксваген Голф со скопски регистарски ознаки кој бил управуван од 45 годишен жител на селото Арачиново полицијата откри исто така седум мигранти од кои шест од Авганистан и еден од Шри Ланка. Возачот е приведен и даден за понатамошна постапка на надлените органи.
Освен на јужниот дел од државата група мигранти деновиве била забележана и на меѓуградската автобуска станица во Скопје кои со автобус допатуале од Куманово. По пристигнувањето влегле во такси кое набргу било пресретнато. И возачот и патниците се задржави во полициска станица , а по извршениот разговор лицата се предадени во прифатниот центар за странци, во меѓувреме се преземаат мерки за целосно расчистување и на овој случај.
Ова се само дел од обидите за кримчарење мигранти и нелегален транзит низ нашата држава кои полицијата во последниот период речиси секојдневно ги открива. Официјалната статистика вели дека за седум месеци годинава само на јужната граница биле спречени над 6600 обиди на илегално преминување на границата за разлика од лани кога во текот на цела година имало нешто повеќе од 4100 такви обиди. За истиот временски период откриени се и триесетина нови случаи за криумчарење мигранти. Скоро иста е и бројката на лица против кои се преземени мерки на кривичен прогон.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
