Грција нема да ги затвори границите, но граѓаните во многу помал број патуваат кон грчките плажи
Грција нема да ги затвори границите. Премиерот Мицотакис ги демантираше информациите за блокирање на земјата и најави дека нема да се преземаат мерки за повторно затворање бидејќи повеќето граѓани ќе бидат вакцинирани. Но и покрај отворените граници вестите за зголемениот број новозаразени со Делта мутацијата како да ги исплаши туристите. На граничните премини одредена раздвиженост има, но фреквенцијата на патници е далеку помала од вообичаената за овој период од годината. На Стар Дојран кој беше отворен пред една недела до сега вкупно поминале околу 2500 патници во кои влегуваат и транспортерите.
За туристите кои сепак решиле да летуваат во Грција Делта мутацијата не претставува проблем. Поголемиот дел од нив на одмор одат со примена вакцина поради што се чувствуваат безбедни.
Од минатата недела и трите гранични премини кон соседна Грција работат 24 часа. За влез и понатаму останува задолжителниот документ поврзан со Ковид-19, односно сертификат за вакцинација со поминати минимум 14 дена од примањето на втората доза, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или брз тест направен до 48 часа пред патувањето или пак потврда за прележан Ковид како и пополнет ПЛФ формулар. Тестови не се потребни само за децата до 12 години.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар